Ниво на корисникот: / 0
НајлошоНајдобро 

Актуелно - Актуелности

Игор Џамбазов и Гуру Харе со бенд ПЛАКАТА resize

Општина Делчево ги привршува подготовките за двата големи настани планирани за ова лето, Бизнис-форумот кој се организира во рамките на кампањата „Да ја поддржиме приказната на Делчево“ и традиционалниот меѓународен фолклорен фестивал „Голачки фолклорни средби“. На Бизнис-форумот кој ќе се одржи на 7 август оваа година во ресторан „Либеро“ ќе бидат претставени можностите за развој и инвестиции кои ги нуди Делчево.

На овој форум очекуваме присуство на сите пријатели на Делчево, од општините со кои е збратимена општината, од соработниците од земјава и странство, од претставници на бизнис-секторот, претставници од министерства, иселеници од Делчево.

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски на денешната прес-конференција истакна дека целта на бизнис-форумот е да се презентира општината, но и да се слушнат идеи за развој на Делчево, односно секој од свој аспект да придонесе во продолжување на приказната на Делчево.

-Сакаме да ги презентираме перспективите за развој на Општина Делчево, да се слушнат предлозите од бизнис-секторот и нивните идеи со кои можат да се дореализираат започнатите проекти, да се создадат нови и секој да се чувствува корисен и да придонесе во развојот на Делчево, истакна Трајковски.

Инаку, вечерта на 7 август во пресрет на 24-то издание на ГФС, ќе се одржи голем концерт на познатиот македонски музичар и шоумен Игор Џамбазов и бендот на Гуру Харе. Предгрупа се познатите млади музичари „Шекспир“. Настанот е во организација на Општина Делчево и спонзори и во оваа прилика се заблагодаруваме на нашиот музичар, композитор, аранжер, Дејан Ѓеоргиевски –Ѕене, кој ни помогна околу организацијата на целиот настан.

-Со нашиот уметник Ѕене сакаме да изградиме една нова слика за градот која ќе се темели на вредностите во музиката, веруваме дека на македонското естрадно небо има квалитет кој вреди да се слушне. За концертот има голем интерес не само во Делчево туку и во регионот, а подготовките за негова реализација се при крај, потенцираше Трајковски.

На традиционалните меѓународни ГФС, кои се одржуваат ноќта спроти верскиот празник Пантелејмон, на 8 август, покрај истоимениот манастир, годинава под ѕвезденото небо на Голак, на сцената на отворено ќе настапат десет културно- уметнички друштва од земјава и странство. На сцената ќе настапат фолклорни групи од Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија, како и од повеќе градови од Македонија. Со ова ја продолжуваме традицијата испишана во изворниот фолклор, афирмирајќи ги фолклорните друштва од земјава и странство.

Меѓународните Голачки фолклорни средби годинава се одржуваат по 24 пат, а поддршката за нивна реализација, освен од Општина Делчево е и на Министерството за култура и НУЦК„Никола Јонков Вапцаров“ и Агенцијата за поттикнување и поддршка на туризмот.

ПЛАКАТА  Голачки фолклорни 2018 resize


Share/Save/Bookmark