Ниво на корисникот: / 0
НајлошоНајдобро 

Актуелно - Актуелности

viva strings

Во рамките на новогодишните и божиќните празнувања, Општина Делчево организира целовечерен концерт на гудачкиот квартет ВИВА Стрингс, кој ќе се одржи на 17 јануари (четврток) во киносалата во Делчево со почеток од 19 часот.

Делчевци ќе имаат несекојдневна можност да се релаксираат и да уживаат во виртуозната интерпретација која обединува класични гудачки инструменти и обработки на популарни поп и рок нумери, како нумерите од: АББА, Мајкл Џексон, Стинг, Ерик Клептон, Колдплеј и други.

Гудачкиот квартет „Вива Стрингс“ претставува класичен камерен состав, составен од две виолини, виола и виолончело. Вива Стрингс е ансамбл оформен во 2011 година, на иницијатива на Дејан Теодосиевски, а со взаемна желба на сите негови членови. Целта на неговото формирање е заедничко музицирање, како поле за индивидуално презентирање и етаблирање на сите негови членови. Со оформувањето на овој состав, неговите членови бараа алтернативен простор за сопствена афирмација, за сопствен израз што во голема мера е веќе постигнато. Од своето формирање до денес, Вива Стрингс е редовен претставник на камерното музицирање на голем број свечености, промоции и слични настани, каде јасно и недвосмислено ја етаблираат класичната музика и квалитетната уметност на пошироката публика.

Сите членови на Гудачкиот квартет се редовно вработени како музичари во НУ Македонска филхармонија, каде важат за истакнати и докажани професионалци. Тројца од нив се и членови на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија. Членови на гудачкиот квартет „Вива Стрингс“ се музичките уметници:

Елена Талевска – прва виолина

Симон Поповски – втора виолина

Дубравка Зајкова – виола

Дејан Теодосиевски – виолончело

Share/Save/Bookmark