Ниво на корисникот: / 0
НајлошоНајдобро 

Актуелно - Актуелности

kochani

Интензивно се работи на изградбата на експресниот пат Штип-Кочани кој  е нов патен правец во должина од 28 км. и со кој се одбегнува актуелната сообраќајница која претставува тесно грло во сообраќајот и кој го поврзува крајниот исток и Граничниот премин со соседна Бугарија со останатиот дел од државава.   

Директорот на ЈПДП Зоран Китанов при посетата на Делчево истакна дека градежните работи на патот се одвиваат со засилено темпо, а звршена е и тендерската постапка за вториот тендер за изградба на делницата Крупиште кон Кочани.

- Експресниот пат, го затекнавме во една статускво ситуација во однос на експропријацијата која, буквално, беше само 10 отсто решена. Во моментот таа е на 99 отсто решена и таму максимално се интензивирани градежните работи. Освен експропријацијата, решаваме и некои други проблеми кои се јавија како резултат на тоа што патот е проектиран врз асфалтната база на градежната компанија „Синохидро“. Во меѓувреме заврши и вториот тендер за изградбата на патот од Крупиште кон  Кочани со што очекувам најдоцна за месец и пол да се отпочне со работа и таму.  Преку рехабилитацијата на овие експресни патишта целиот овој регион ќе биде во една многу поволна инфраструктурна состојба- истакна Китанов.

Патот е трасиран на 11,5 метри на ниво на експресен пат и за разлика од другите експресни патишта ќе биде со заштитна ограда, а нема да има премногу приклучоци и клучки, со што би можела да биде загрозена безбедноста на учениците во сообраќајот. По самата димензија, пак, претставува една коловозна лента од еден автопат која е земена предвид и по десет или 15 години, ако интензитетот на сообраќјот ги надмине потребите, може слободно да се изгради уште една лента за автопат.

Патниот правец започнал со изградба во 2017 година и според предвидената динамика треба да биде завршен до крајот на 2019, но не се исклучува можноста пуштањето да се одложи поради субјективни и објективни причини. Вредноста на работите е 40 милиони евра.

Китанов информираше дека автопатот Штип – Миладиновци ќе биде пуштен во употреба откако ќе се реши проблемот со неколку сервисни патишта кои порано излегувале на регионалниот пат. Тој посочи дека иако проектот за изградба на автопатот целосно е завршен, поради безбедносни причини и дорегулирање на сервисните патишта, тој не може да биде пуштен во употреба.

-На 19 декември  2018 година ние добивме официјалнo писмо од кинеската градежна компанија „Синохидро“ дека авотпатот Миладиновци по проект е градежно завршен и побараа да го пуштиме во употреба. И јас тврдам дека по проект, навистина, патот е завршен. Меѓутоа, има неколку сервисни патишта за некои населби или десетина куќи од левата и десната страна на патот кои не биле третирани со проектот и тие излегувале директно на регионалниот пат, сега со автопат тоа не е возможно. По увидот, видовме дека треба да се довршат тие сервисни патишта, бидејки и тие луѓе некако треба да комуницираат со Свети Николе или останатите населени места и затоа донесовме одлука заради безбедност, да се довршат тие сервисни патишта кои не се дел од главниот проект, туку се надвор од автопатот. Тие ќе се работат и ќе се завршат и очекувам по завршувањето на овој циклус да биде пуштен во употреба и автопатот- истакна Китанов.

За изградба и реконструкција  на патишта во источниот и југоисточниот регион се предвидени повеќе од 300 мил. евра.

Share/Save/Bookmark