Совет: Усвоени завршните сметки на Општина Делчево и локалните институции; Донесен Правилникот за начинот на вршење видеонадзор на територијата на Општина Делчево

На денешната редовна 51 Седница на Советот на Општина Делчево, советниците расправаа и донесоа одлуки и заклучоци по 15 точки предвидени со Дневниот ред.

Советниците ја усвоија Завршната сметка и Годишниот извештај на Општина Делчево за 2021 година. Извршувањето на приходите во Буџетот на Општина Делчево изнесува 88%, односно од вкупно планираните 302,113,900 ден. приходите се реализирани во износ од 265,429,977 денари. Од нив, во Основниот буџет, од планирани 78.677.000 денари , се реализирани 72.073.000 ден. или 92%. Во Буџетот на дотации од планирани 173,505,900 денари реализирани се 160,025,395 или 92%, во Буџетот на донации од планирани 6,927,000 реализирани се 5,767,188 ден. или 93% и во Буџетот на самофинансирачки активности од планирани 16,367,000 реализирани се 6,475,074 денари, или 33,4 %. Капиталните приходи се наплатени во износ од 4,472,287 ден. од вкупно планирани 4.105.000 ден. или 108 % .

Вкупните расходи за 2020 г. се планирани во износ од 302.113.900 ден. Од нив се реализирани 263.140.000 ден. или 87 %. Вкупниот износ на платите во однос на вкупно реализираните расходи изнесува 19%, процентот на реализација на стоки и услуги е 25%, додека износот на реализираните капитални расходи во однос на вкупните расходи во основниот буџет е 35%, а во однос на планираните капитални расходи, реализирани се 77,4%. Во делот на капиталните расходи пак, процентот на реализација на други градежни објекти во однос на вкупните реализирани капитални расходи е 84% . Капиталните расходи се реализирани во износ од 27.360.359. од планираните 31.065.000 и најголем дел од нив се исплатени за реконструкција на улици и патишта, изградба на капела, за изготвување проекти за изградба или реконструкција на улици и патишта и надомест за одземен имот.

Исто така, беа усвоени и завршните сметки на локалните институции: ООУ „Ванчо Прке“, ООУ „Св.Климент Охридски“, СОУ „М.М.Брицо“, ОЈУДГ „Весели Цветови“ и ЈЛБ „Илинден“.

На денешната Седница, советниците го усвоија и Правилникот за начинот на вршење видеонадзор на територијата на Општина Делчево и Проценката на влијание за заштита на личните податоци. Со Правилникот се предвидува вршење видеонадзор на три локации на територија на Општина Делчево и тоа на пешачкиот мост „Гоце Делчев“ на реката Брегалница (3 камери), на детското игралиште во населба Ново Делчево (4 камери) и на тениското игралиште во населба СРЦ (4 камери). Во донесувањето на Правилникот и останатата документација која е потребна за поставување и вршење видеонадзорот се применувани одребите од новиот Закон за заштита на личните податоци кои се однесуваат на вршењето видеонадзор, Правилникот за содржината и формата на актот за начинот на вршење видеонадзор, Правилникот за содржината на анализата на целта, односно целите за кои се поставува видеонадзорот и Извештајот од извршена периодична оценка на постигнатите резултати од системот за вршење видеонадзор и Правилникот за безбедност на обработката на личните податоци. Донесување на овој Правилник и вршењето видеонадзор на овие локации е со цел заштита на сопственоста поради честата појава на оштетување на општинскиот имот, односно заштита на имотот и стварите во општа употреба од кражба, вандализам, уништување или друга форма на загрозување на имотот и добрата и за подобрување на безбедноста и здравјето на сите граѓани.

На 51 Седница, советниците донесоа и Одлука за утврдување на бројот на ученици за упис во прва година во учебната 2021/22 во СОУ „М.М.Брицо“ во која е предвидено запишување на 170 ученици во 5 паралелки во гимназиска насока, а во стручното образование- за текстилно-кожарската струка за насоките-техничар за изработка на облека и за техничар за моделирање облека формирање по една паралелка од насока со по 34 ученици, а исто толку ученици за една паралелка и за струката прехрабен техничар.
Меѓу другите точки од Дневниот ред, на денешната Седница советниците ги усвоија и измените на годишните планови за вработување на Општина Делчево и ЈКП„Брегалница“ за 2021 г.

Shares