Општина Делчево организира хуманитарна помош за Украина

  • News
Општина Делчево организира голема хуманитарна акција за помош на граѓаните на Украина. Акцијата е следствена реакција на актуелната воена состојба во Украина и страдањето на граѓаните на оваа земја од воените дејства, но и одговор на апелот испратен до Општина Делчево од пријателската Општина Тернопил од Украина.
Како одговорна општина и граѓани и фирми кои многу пати ја покажале својата хуманост, не можеме да останеме неми на барањето помош. Човечки е да се помогне на пријатели кои се зафатени од воени дeјства, кои губат домови, каде секојдневно се бројат жртви.
Во апелот за помош од Тернопил доставен до Општина Делчево се бара облека, храна, бебешка облека, пелени, се бара и медицинска опрема и лекови, подвижни кревети, носилки, како и генератори, пумпи и сл.
Со цел добра организација и отворање пунктови и дефинирање на условите за транспорт на помошта, денеска во Општина Делчево на иницијатива на градоначалникот Трајковски, се организираше состанок со претставници од ЈЗУ Здравствен дом „Гоце Делчев“, Советот на млади, ОО на Црвен крст Делчево, како и претставници на Општина Делчево.
На состанокот е дефинирано да се отвори мобилен пункт во Спомен-дом АСНОМ, каде ќе се собираат донациите. Пунктот ќе биде отворен секој ден до недела во терминот од 10.00ч до 16.00ч. По собирањето на помошта, таа ќе биде транспортирана до Амбасадата на Украина во Скопје од каде информираат дека сите донации кои се собираат ќе бидат доставени до западните делови на Украина.
Воедно, градоначалникот Трајковски упати писмо со поддршка до општините Тернопил и Вишгород во кое изразува загриженост за актуелната состојба во Украина и губењето човечки животи и ја потенцира подготвеноста на Делчево да помогне на граѓаните на збратимените општини.
Shares