Претставници на средните стручни училишта од Делчево и од Пирот во посета на Општина Делчево

  • News

Претставници од Средното стручно училиште од Пирот, Р. Србија и од делчевскиот средношколски центар, денеска остварија средба со градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски во рамките на проектот „Супер училишта“ што ги поврза двата средношколски центри од двете држави.

На состанокот се разговараше за предизвиците од дуалното образование, подобрување на квалитетот на стручното образование, но и за очекуваните резултати од реализацијата на Проектот „Супер училишта“.

Градоначалникот Трајковски изрази задоволство што двете училишта градат нова соработка која ќе даде придонес за проширување на видиците на учениците, размената на искуства, но и кариерен и личен развој.

 Професорката Марија Чириќ, го запозна градоначалникот Трајковски со спецификите на Средното стручно училиште во Пирот кое едно од најмладите училишта во регионот и има 140 ученици во неколку насоки, при што истакна дека ваквите патувања во рамки на овие проекти ќе им послужат за поголемо запознавање со останатите култури, но и размена на добри практики и искуства.

Гостите од Пирот во текот на посетата на Делчево, покрај секојдневните активности во делчевскиот средношколски центар, ги посетуваат и знаменитостите во Делчево. Нивната посета ќе трае до 16 април, а втората возвратна посетата ќе биде во Пирот од 8 до 14 мај годинава. Во рамки на активностите од првата училишна размена, како што информираше в.д. директорката на делчевската гимназија, Дијана Цонева, ќе се реализираат серија обуки од повеќе области.

Проектот е организиран од Регионалната канцеларија за соработка со младите (RYCO) и Германската организација за регионална соработка (GIZ), aе кофинансиран од Европската унија и Сојузното министерство за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија (BMZ).

Shares