Ѕвегорските суроваскари го избркаа злото од Пијанец

  • News

Ѕвегорските суроваскари накитени со суроваски денеска на Василица го продолжија вековниот локален обичај под маски „Сурова“ во делчевското село Ѕвегор и го избркаа злото од Пијанец.

Во присуство на голем број гости и домаќини, годинава шеесетина суроваскари извикувајќи „Сурова“ и благословувајќи за зелена, здрава Стара Нова година, го посетија секој дом од селото. Главните актери во театарот на отворено ја сочинуваат свадбената поворка која тргна рано наутро. Тука беа задолжителните ликови на невестата и младоженецот, белаците, бабите, мечкарите во Ѕвегор. Секој лик има своја улога во претставата, така, еротските игри асоцираат на плодноста, старите баби и мечкарите им помагаат на болните, а се црнеа присутните и гостите за здравје. Белаците се војска кои со дрвени сабји и пушки ја чуваат невестата, за да не биде предвреме откриена. Свадбата завршува со свдбарска вечера кога се откриваат маските. Жителите велат дека денеска е ден за веселба, за благослови, за греана ракија, баници, но и за пивтија.

Организацијата на настанот е на кумовите на годинешната „Сурова“, Елеонора Ивановска и Ѕвонко со поддршка на спонзори и од Општина Делчево.

 

Поради уникатноста на обичајот, големиот број маски и вековната традиција која се продолжува и се пренесува како аманет на генерации и генерации ѕвегорци, локалниот обичај под маски во с. Ѕвегор, етнолозите го нарекуваат и Пијанечко Вевчани.

За градоначалникот Трајковски, овој обичај има посебно значење, бидејќи е олицетворение на традицијата, но и младоста.

-Ме радува тоа што сè поголем број млади ѕвегорци ја прифаќаат традицијата и локалниот обичај, на тој начин давајќи ѝ живот. Како општина имаме обврска да го чуваме и промовираме живото културно наследство на Пијанец кое е вредно богатство кое се пренесува на поколенија. Така, живее и овој обичај под маски поврзан со некрстените денови кој ја носи и магичната формула за борба против злото. Нека е за многу години денот и Среќна, Стара Нова година, порача Трајковски.

Shares