Започна рехабилитацијата на земјоделскиот пат во Долни Бавчи

  • News

Земјоделците кои имаат земјоделски површини и објекти во месноста Долни Бавчи во Делчево, за прв пат добиваат соодветна патна инфраструктура. Денеска започна рехабилитацијата на земјоделскиот пат кој води од мостот на ул. „Индустриска“ покрај реката Брегалница во месноста Долни Бавчи. Со проектот е предвидена рехабилитација во должина од 1.000 м и проширување на патот на 4.5 м.

Денеска увид во почетните работи направи градоначалникот Трајковски кој истакна дека со реализацијата на овој проект ќе се реши проблемот со пристапот до земјоделските површини и индивидуалните земјоделски стопанства во месноста Долни Бавчи во Делчево со што се решава уште еден проблем на земјоделците и се одговара на нивните долгогодишни барања.

 Рехабилитацијата на овој земјоделски пат, значи, полесен пристап до земјоделските површини или до нивните индивидуални земјоделски стопанства. Сведоци бевме дека при поројни дождови беше оневозможено движењето со возила и со земјоделска механизација до земјоделското земјиште на овој терен. Како Општина го слушаме гласот и потребите на граѓаните и со еден сериозен пристап, бараме трајно решавање на проблемите, истакна Трајковски.

Рехабилитацијата на земјоделскиот пат во Долни Бавчи се реализира преку Центарот за развој на ИПР во рамките на проектот „Подобрување на руралната патна инфраструктура преку изградба на пристапни патишта во подрачјата со земјоделска дејност и обработлива површина во ИПР“ на МЗШВ, а вредноста на Договорот за изградба на овој земјоделски пат е 1.170.855 ден. Изведувач на работите е СД-ТРАНС.

Освен земјоделскиот пат во Долни Бавчи, за оваа година е планирана и рехабилитација на земјоделскиот пат во месноста Средни Бавчи. Со поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој ќе се рехабилитираат 800 метри од патот, а планирано е негово проширување на 4,5м. Финансиската поддршка од Агенцијата е во износ од околу 999.968. денари.

Инаку, минатата година беше завршена рехабилитацијата на земјоделскиот пат с. Вирче-с. Град во должина од 1.320 метри.

Shares