Делчево и Разловци одбележаа 145 години од Разловечкото востание

  • Новости

Со пригодна свеченост денеска Делчево и селото Разловци одбележаа 145 години од Разловечкото востание, прво вооружено востание со кое отпочнува бурниот Предилинденски период за слободна и самостојна држава.

На настанот кој традиционално, беше организиран во дворот на црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ во селото Разловци, присуствуваа и претставници од Владата на РСМ, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски.

 Во чест на 145-годишнината од Востанието, делегација од Владата на РСМ и Општина Делчево, претставници од Советот на Општина Делчево, претставници институции,  политички партии, здруженија на граѓани, положија свежо цвеќе и се поклонија пред спомен-обележјето на поп Стојан, еден од организаторите на Востанието, а поставено на влезот на црквата „Св.цар Константин и царица Елена“ во селото Разловци.

Во своето обраќање, градоначалникот Трајковски истакна дека за славното Разловци во 1876 година, секогаш се зборува со посебен пиетет но, треба да се зборува и вложува и за сегашноста и за иднината, при тоа изразувајќи благодарност за поддршката од Владата на РСМ за реализацијата на клучни проекти во ова село кои значат подобар квалитет на животот на жителите на најодалеченото село во делчевската општина.

– Изминатиов период решававме децениски проблеми во ова село. Градевме патна инфраструктура, го решававме проблемот со недостигот на вода, проблемот со наводнувањето, со комуналниот отпад. Наскоро ќе започнат градежни активности за изградба на локалниот пат Делчево-Тработивиште, со што ова село добива нова патна алтернатива. Свесен сум дека има уште работа во селото, но, верувам дека со посветена работа и наредниот период ќе продолжиме да ги затвораме и другите отворени прашања и ќе одговараме на потребите на граѓаните, рече Трајковски.

Министерката Шахпаска која се обрати пред присутните потенцираше дека заради непоколебливоста на нашиот народ и нескршливоста на неговиот дух, денес Република Северна Македонија е слободна, независна и современа, држава која одлучно чекори кон големото европско семејство, земја полноправна членка на најмоќниот военополитички сојуз НАТО.

-Секое време носи нови предизвици, секоја генерација има свои битки, секој чекор напред има препреки. Од тука нашата одговорност како граѓани, како политичари и носители на одлуки е огромна. Пандемијата со Ковид 19 е светски економски, но пред се здравствен предизвик пред кој и најмоќните економии беа ставени на тест. За нас како Влада два предизвици беа приоритетни: зачувување на секое работно место и подршка на граѓаните, но пред се ранливите за полесно да ја премостат кризата. Успеавме со јасно дефинирани и навремени 6 пакети на финансиска помош да спасиме 80 000 работни места. Дополнителни 6500 домаќинства да добијат ГМП, финансиски ги помогнавме невработените, пензионерите, самохраните родители и останати граѓани. Сега наш предизвик е процесот на вакцинација кој ќе ни помогне да излеземе од пандемијата и сериозно да почнеме со опоравување на македонската економија и враќање на нашето нормално секојдневие, потенцираше Шахпаска.

Поради пандемијата и протоколите за заштита од ковид 19, во рамките на програмата настапија Пејачката група од Здружението на пензионери од Делчево и ученици од ПУ „Св.Климент Охридски од Разловци.

Shares