Седма седница на Советот на Општина Делчево: Усвоена Завршната сметка на Буџетот на Општина Делчево

Советниците од Советот на Општина Делчево на својата 7 Седница ја усвоија Завршната сметка на Буџетот на Општина Делчево за 2021. Согласно со податоците од вкупно планираните приходи и приливи во Буџетот на Општината во износ од 315.220.482 ден. наплатени се 290.009.206 ден., односно 92% во вкупниот буџет или од Основниот буџет од вкупно планираните 109.541.856 денари наплатени се 98.266.043 или изразено во проценти 89,7%.

Даночните приходи се реализирани во износ од 39.374.231 ден или 93,3% од планираните; неданочните приходи се со реализација од 78,3% или во износ од 1.464.542 ден, капиталните приходи се со процент на реализација од 80% или 2.901.623 ден, додека трансферите со процент од 88% или 54.525.647 ден.

Од вкупно планирани расходи во износ од 315.220.482  ден. во вкупниот  Буџет реализирани се 286.106.864 или 91%., додека во Основниот буџет на Општина Делчево од планирани 109.541.856 денари, реализирани се 98.266.043 денари или 90%. Вкупниот износ на платите во однос на вкупно реализираните расходи изнесува 26,8%, процентот на реализација на стоки и услуги е 21,2%, додека износот на реализираните капитални расходи во однос на вкупните расходи во Основниот буџет е 46,7%, а во однос на планираните капитални расходи, реализирани се 87%. Во делот на капиталните расходи процентот на реализација на други градежни објекти во однос на вкупните реализирани капитални расходи е 95,5% .

Во 2021 година реализирани се капитални расходи во износ од 45.885.859 ден. Од нив за изготвување проекти се финансирани 1.290.039 денари за изградба и реконструкција на улици и патишта 23.850.625 денари, за изградба на канализација во нас. Пролет 6.205.456, за изградба на др. објекти во износ од 10.076.000 (градски пазар), за надомест за одземен имот платени се 1.820.987, за реконструкција на други објекти во износ од 248.192 ден., за отплата на главен долг за реконструкција на детската градинка исплатен е износ од 1.852.636 денари и др.

Советниците на денешната Седница го усвоија Извештајот за јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата на подрачјето на Општина Делчево, како и

завршните сметки за 2021 година на Јавната локална библиотека „Илинден“, на ОЈУДГ „Весели цветови“, на ООУ „Ванчо Прке“, ООУ „Св.Климент Охридски“ и на СОУ „М.М.Брицо“.

Исто така, советниците ја донесоа и Програмата за поставување урбана опрема на територијата на градот Делчево со која се утврдува потребата и се уредуваат стандарди за поставување урбана опрема на подрачјето на градот Делчево и постапката за давање согласност за поставување на урбаната опрема; Програмата за дополнување на Програмата за уредување градежно земјиште на подрачјето на Општина Делчево за 2022 година; Програмата за дополнување на Програмата за изработка на  урбанистички планови на подрачјето на Општина Делчево за 2022 година;

Советниците дадоа зелено светло и на: Одлуката за ослободување од плаќање надоместок за уредување градежно земјиште за добивање одобрение за градење на детската градинка за ГП 3.2.01 од ДУП УЕ 3, дел од Урбан блок 3.2. КО Делчево во Делчево; како и на Одлуката за кофинансирање во рамки на Вториот проект за подобрување на општинските услуги МСИП 2 за доискористување на преостанати средства. Согласно урбанистичкo-планската документација на улицата бр. 3 која е во изградба е предвидена изградба на дополнителна лента во должина од 66 м. за автобуско и такси- стојалиште. Општината одлучи да го изгради стојалиштето со цел обезбедување квалитет во структурата на коловозот и обезбедување безбеден сообраќај, за што согласно со утврдената предмер- пресметка со износ од 535.649,20 денари со ДДВ, со договорните единечни цени од изведувачот, вредноста за кофинансирање на проектот „Изградба на дел од улица 3, од страна на Општина Делчево, е потребно да се зголеми за дополнителни финансиски средства во висина од 65.708,21 денари со ДДВ.

Shares