Уредете ги дворовите – ќе се избира најубаво уреден двор

  • Новости

Во рамките на кампањата „Заедно до поубаво Делчево“ и согласно со Програмата за односи со јавноста и промоција, Општина Делчево и оваа година ќе избира најубаво уреден двор. Водејќи се од мотото дека секој индивидуалец или институција и фирма кои со својот труд и креација за уредување на дворните површини придонесуваат за поубаво Делчево, Општина Делчево објавува Конкурс за избор на најубаво уреден двор во Делчево.

Целта на оваа акција е сите заедно да придонесеме за поубаво Делчево, но и како Општина сакаме да ги наградиме граѓаните и фирмите за својата улога во разубавувањето на градот, а од друга страна и да ги мотивираме сите граѓани на Делчево да дадат свој придонес за негово разубавување.

На Јавниот конкурс кој е денеска објавен на веб-страницата на Општина Делчево и на локалните медиуми, ќе можат да се пријават сите граѓани кои ценат дека нивното дворно уредување заслужува внимание, но и сите граѓани кои се воодушевуваат на дворот на пријател или сосед, да го пријават за учество во изборот за најубаво уреден двор во Делчево. Конкурсот ќе биде отворен до 1 јули оваа година, период кој сметаме дека е доволен за заинтересираните граѓани да ги направат потребните подготовки и да ги уредат дворовите.

 Пријавата може да се достави до Архивата на Општина Делчево, или да се симне од веб-страницата delcevo.gov.mk (ТУКА) и електронски да се се испрати на е-маил info@delcevo.gov.mk.

 Комисијата формирана од стручни лица ќе ги посети пријавените дворови и ќе го оценува уредувањето на дворните површини.

За сопствениците за најдобро уредени дворови, Општина Делчево  има обезбедено  награди во категориите:

1. Индивидуално домување– прва, втора и трета награда;

2. Колективно домување и правни лица.

Инаку, Општина Делчево по 5-ти пат организира избор на најубаво уреден двор.
Shares