Промовирана „Собата на Димитар Узунски“

  • Новости

Делчевци и љубителите на фолклорната традиција добија мал музеј посветен на ликот и делото на пијанечкиот Цепенков, Димитар Узунски. Во делчевското село Тработивиште, беше промовирана „Собата на Димитар Узунски за културното наследство на Пијанец“, како носечки проект на Здружението Фолклорна група Копачка, с. Драмче, субвенциониран од Министерство за култура на РСМ и Општина Делчево. Собата е уредена во родната куќа на најголемиот културен деец, Димитар Узунски, во родното Тработивиште во која се сместени неговите лични документи, фотографии, најзначајни дипломи, благодарници, признанија и награди, како и неговите ракописи од собирачката фолклорна дејност.

Како што истакна Перса Стојановска, претседател на Здружението, со оваа активност,  Фолклорната група ,,Копачка” ја потврдува поставената цел да го продолжи патот кој го трасираше Узунски, кој е најзаслужен на животот на орото „Копачка“ низ годините и за впишувањето на орото „Копачка” за светско културно наследство во УНЕСКО.

-Покрај градежните работи за прилагодување на собата, опремувањето со витрини, преградна врата и сл. во собата се уредија неговите лични документи, фотографии, најзначајни дипломи, благодарници, признанија и награди, како и неговите ракописи од собирачката фолклорна дејност, собрани во неговите тетратки, а секако, овде се и неговите инструменти, носијата, машината за пишување и др, рече Стојановска.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој ја пушти во употреба собата, потенцираше дека Димитар Узунски беше и ќе остане синоним на делчевcкиот фолклор и традиција

–На денот на роденденот на пијанечкиот Цепенков, Узунски, Делчево и неговите следбеници од Здружението „Копачка“ с. Драмче, како и неговото семејство, им подаруваат на сите почитувачи на неговиот лик и дело, на љубителите на фолклорот и традицијата, спомен-соба која ќе го чува споменот за Узунски, и на секој посетител и добронамерник ќе му раскажува за неговата посветеност и ентузијазам, за неговата љубов кон културното и фолклорното наследство, за неговиот живот „Kопачката“.

Узунски е делчевска гордост и непресушен извор за пијанечкиот фолклор и традиција. За неговото дело и наследство може да се пишува многу, но неговото наследство е немерливо и нема доволно зборови за да се опише, бидејќи неговото значење за Делчево, за делчевци, за македонскиот фолклор и традиција е уникатно, рече Трајковски.

Во рамки на настанот пред присутните се обрати и сибот на Димитар, Гоце Узунски, кој потенцираше дека внатре посетителите нема да најдат ниту злато, ниту пари, туку идентитет и нешто што значи Македонија.

На настанот беа доделени благодарници на најзаслужните кои учествуваа во реализацијата на проектот ,,Соба на Димитар Узунски за фолклорното наследство на Пијанец”.

Shares