Се осветија водите на река Брегалница

  • News

По пауза од една година, денеска во Делчево на традиционален начин се осветија водите на река Брегалница. Даваесет и осум годишниот Васил Панчовски беше најсреќен и највешт и успеа од дваесетината момчиња кои се фрлија во студените води на река Брегалница, да го фати светиот крст при церемонијата за осветување на реката Брегалница. Инаку на Васил ова му е десетто фрлање по светиот крст од кои три пати успева да го фати светиот крст.

Традиционално, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски на среќниот фаќач на светиот крст му доделува парична награда во износ од 10.000 денари.

– Традицијата во Делчево поврзана со осветување на водите на реката Брегалница, продолжува и таа е една од вековните традиции која опстојува, обединува и го чува нашиот идентитет и вера. Oвој ден носи благородна порака на прочистување, оптимизам, надеж и верба во доброто, совршеното, чистото. Со симболичниот чин на фрлање на светиот крст, ние се потсетуваме на денот кога се крштеваше Исус Христос во реката Јордан, а чинот на осветување на водите на реката Брегалница е голем по значење, а уште поголема е традицијата која нѐ обединува во вербата и во желбите за бериќет и благосостојба. Упатувам честитки на нашиот сограѓанин кој успеа да го фати светиот крст од студените води на Брегалница и му посакувам да го следи среќа и него и неговото семејство, а да донесе среќа и бериќет на целиот наш град. Нека е за многу години, рече Трајковски.

Среќниот фаќач на крстот традиционално доби подарок и од компанијата „Зегин“. Оваа година компанијата подари машина за перење алишта, а од црквата икона со ликот на Пресвета Богородица.

Чинот на осветување на водите на реката по повод големиот христијански празник Богојавление го следеа илјадници верници во Делчево.

Инаку, по повод големиот христијански празник Водици, утрово во црквата „Успение на пресвета Богородица“ се одржа богојавленска литургија на која присуствуваа голем број верници, како и градоначалникот Горан Трајковски и претседателот на Советот на Општина Делчево, Гоце Попов и советници од Советот на Општина Делчево.

 

0Shares
0
Font size
Contrast