Со поставување на нов асфалт на улицата Лика Чопова во должина од 180 метри, заврши реконструкцијата на оваа сообраќајница, со што населбата Ново Делчево доби нов, модерен урбан лик.
Овој зафат е дел од поголем инфраструктурен проект на Општина Делчево, со кој беа реконструирани вкупно девет улици во должина од 1940 метри: Лика Чопова, Ленинова, Трст, Загребачка, Охридска, Осоговска, Пијанечка, 19 Октомври и Пиринска.
„Со изградбата на современи сообраќајници ја зголемуваме безбедноста за сите учесници во сообраќајот – и пешаци и возачи. Населбата Ново Делчево добива инфраструктура каква што заслужува“, изјави градоначалникот Трајковски.
Претходно во истата населба е изградена нова водоводна мрежа, заменето е уличното осветлување со енергетски ефикасни ЛЕД светилки, а сега со новите улици директно се подобрува квалитетот на живот за жителите на една од најатрактивните населби во градот.
Изведувач на работите е фирмата ОСД „Кирил“ од Скопје.