Природни ресурси

Клима
Климата во општина Делчево е источноевропска со модифициран плувиометарски режим. Според метеоролошките податоци во Делчево просечната годишна температура на воздухот изнесува 10,7°С со апсолутен минимум од -26,7°С и апсолутен максимум до 37°С, додека на планините просечната годишна температура паѓа до 3,5°С. Најтопол месец е август со просечна температура 21,6°С, додека најстудени месеци е јануари со просечна температура 0,1°С
Облачноста и магливоста не е голема, така што во годината доминираат сончеви и ведри денови. Просечниот број на врнежливи денови во текот на годината изнесува 71, просечна годишна количина на врнежи од 548 mm. Врнежите иако се релативно ниски, нивниот распоред во вегетациониот период (април – септември) е поволен и изнесува над 50% од вкупните годишни врнежи.
Вегетациониот период со температура над 10°С трае 191 ден во текот на годината.
Релјеф и почва
Релјефот во општина Делчево е сложен и е создаден од тектонски движења и е застапен со 4 релјефни форми кои се разликуваат по старост, надморска височина, геолошки состав, хидролошки услови, вегетација и различни почви. Претежно е ридско – планински, а низинските делови се главно распространети по течението на река Брегалница.Река Брегалница
Релјефот во општината е со следната структура: Низински 600 – 750 метри (по текот на река Брегалница и долните теченија на нејзините притоки), Ридско – планински 750 – 900 метри (источниот и североисточниот дел на општината) и Планински над 900 метри (западно од река Брегалница, планините Обозна и Голак).
Според педолошката карта, во реонот на општина Делчево се издвојуваат 12 посебни почвени типови. Како доминантни се утврдени ригосол, ранкери, кафеави шумски почви, циметно шумски почви и лесивирани.
Врз основа на агропроизводните способности, почвите се групирани во 7 бонитетни класи, од алувијалните, смолниците, делувијалните и лесивираните.
Направена е тест сондажа на почвата на сите поголеми и позначајни локалитети во општина Делчево за испитување на нивната киселост и базичност (длабочина од 0-30 cm и од 30-60 cm).
Хидрографија
Главна водена артерија на општина Делчево е реката Брегалница, која е и најголема притока на реката Вардар. Десни притоки на реката Брегалница се: Желевица, Даштица, Репница, Граштица, Ѕвегорска Река и Габровчица. Леви притоки се: Лошана, Петрашевец и Чифличка река. Вкупнатa површина на сливот на река Брегалница изнесува 742,5 km2, со просечна надморска височина на сливот 1000 m. Средногодишниот проток на профилот кај Разловци изнесува 6,3 m3/s. Вкупниот годишен просечен проток на Брегалница на профилот “Калиманци” изнесува 264 000 000 m3.
Значаен потенцијален хидрографски објект во општината е брана Лошана, со зафатнина од 1 400 000 m3 вода, кај селото Разловци која е во завршна фаза и од оваа година ќе започне нејзиното полнење. Оваа акумулација главно ќе се користи за комплетно решавање на проблемот на водоснабдување во општина Делчево, а дел и за наводнување на Делчевското поле (300 ha).
Друг значаен изграден хидрографски објект во општината претставува акумулација Петрашевец со зафатнина од 180 000 m3 вода, која се користи за наводнување на обработливите површини низводно од Браната.
Минерални ресурси
На територијата на општина Делчево утврдени се значајни наоѓалишта на металични, неметалични и енергетски минерални суровини, како значаен потенцијал за развојот на општината.
• Наоѓалишта на јаглен, лоцирани во Делчевско – Пехчевскиот басен, со вкупна површина од околу 100 km2, трети по значење во Република Македонија. Вкупните резерви се утврдени на околу 46 000 000 t јаглен.
• Во коритото на река Брегалница има околу 90 000 000 m3 златоносен алувион од песок и чакал. Се претпоставува присуство на 13,5 –36 t злато.
• Природно печената глина, со утврдени резерви над 10 милиони тони, а со значајна комерцијална вредност се и гранитите, варовниците и диабазите.
• Геотермалната енергија – при испитувањата на лежиштето на јаглен “Стамер – Ѕвегор”, утврден е среден геотермален градиент од 6,5°C/100 m, што укажува дека зголемувањето на температурата во насока на длабочина е побрзо од вообичаеното.
Флора и фауна
Шумите во општина Делчево зафаќаат површина од 27.899 хектари или 48% од вкупната територија на општината. Во структурата на шумите најзастапени е дабовата шума, потоа боровата и на крајот со најмал процент е застапена буковата шума. Шумите се богати со разни лековити билки, шумски плодови и растенија.
Во шумските предели се среќава богат растителен и животински свет, а особено внимание треба да се посвети на загрозените видови: дивата свиња, срната, дивиот зајак, црниот орел, еребицата и бувот.
Во однос на сопственоста: 49% од шумите во општина Делчево се приватни, а 51% државни.
Шумите во општина Делчево се дефицитарни со дрвна маса,т.е. потребите за одревно дрво на домаќинствата се поголеми од утврдениот годишен сечив етат.
Земјоделство
Земјоделското земјиште зафаќа 46% од вкупната површина на општина Делчево. Според својата географско-топографска положба, поволни климатско-почвени услови, расположливи пасишта и ливади, општината располага со предуслови за развој на овоштарството и сточарството.Земјоделско земјиште 10,089 ha
Пасишта 3,408 ha
Вкупно 13.497 haОбработливо земјоделско земјиште (приватна сопственост): ораници и бавчи 8,679 ha, овоштарници 626 ha, лозја 8 ha, ливади 782 ha или вкупно 10.095 ha
Обработливо земјоделско земјиште (државна сопственост) 683 ha.Структура на сеидбени површини
1. Полјоделски култури: житни култури 5.450 ha, индустриски култури 200 ha, градинарски култури 900 ha, фуражни култури 540 ha или вкупно 7.090 ha
2. Овоштарски култури (број на стебла): јаболка 24.975, круши 15.870, дуњи 640, сливи 82.700, праски 955, ореви 2,562 броја.

Извор: ПЕ на МЗШВ, Делчево

Природни вредности и реткости
На територијата на општина Делчево во категоријата на заштитени шуми спаѓаат:
• 7 ha кај с. Тработивиште
• 25 ha над с. Ѕвегор
• 50 ha над с. Разловци
• 160 ha покрај река Брегалница

Планината Голак според Законот за заштита на природни реткости (“Сл. весник на СРМ“ 43/76) и група критериуми е под посебна заштита како предел со посебни природни карактеристики (12.500 ha), со издвоена и заштитена парк – шума “Гоце Делчев”.
Споменици на природата кои сведочат за процесите кои се одвивале во различни геолошки периоди:
• Локалитет Илин Камен кај с. Звегор
• Локалитет Кукуљето кај с. Нов Истевник
• Локалитет Кукуљето кај с. Тработивиште

Заштитени природни реткости

На територијата на Општина Делчево, Министерството за животна за природна реткост прогласи три локалитети за кои претходно Општина Делчево во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) координиран од Helvetas Swiss Intercooperation и Фармахем, во партнерство со Центарот за развој на Источен плански регион (ЦРИПР), изработи три елаборати за валоризација на природната реткост: спелеолошкиот објект Киселичка пештера, Карактеристичниот геолошки профил кај Ѕвегор и Палеонтолошкиот локалитет Стамер.

Прогласувањето на овие три локалитети за природна реткост ќе придонесе за заштита на значајните локалитети, но и нивно ставање во функција на туризмот која е приоритетна цел во ЛЕР на Општина Делчево. Општина Делчево планира наредниот период да изработи елаборати и да поднесе апликации за валоризација и за локалитетите: Кукуље кај с. Нов Истевник и пештерата Коњска дупка кај с. Град.

Палеонтолошкиот локалитет Стамер

Палеонтолошкиот локалитет Стамер е богат со пикерминска фосилна фауна се наоѓа во Делчевскиот регион на оддалеченост од 5 км југоисточно од Делчево во непосредна близина на селото Стамер, а површината на локалитетот изнесува 25.6 хектари. Согласно со Решението објавено во Службен весник, со Палеонтолошкиот локалитет Самер управува Општина Делчево и со цел да се спречи оштетување или уништување на природната реткост, општината презема активности за чување и одржување на природната реткост., како и мерки за заштита. Во таа смисла, Општината може да спроведува научни истражувања и мониторинг по добиена дозвола од Минситерството за животна средина и просторно планирање, врши пормоција на природната реткост како туристичка дестинација, ја обележува со соодветни информативни табли, спроведува едукативни активности за потребата од зачувување на локалитетот. Спроведувањето активности и дејства во границите на природната реткост, како што се изградба на пристапни патеки и уредување на местата за одмор се врши на начин со кој се обезбедува висок степен на заштита на биолошката и пределската разновидност во насока на обезбедување на соодветно управување со природната реткост.

Палеонтолошката гробница на пикерминска фауна е детерминирана и дел, научно истражена пред 12 години, кога научниците од Природо-научниот музеј од Скопје овде открија значајни фосили од пикерминска фауна, како уникатниот во Европа, череп од жирафа, мастодонт, фосили од антилопа, хипарион и сл, фосили стари од 10 до 3 милиони години.

Спелеолошки објект Киселичка пештера

Согласно со Законот за заштита на природата, Министерството за животна средина и просторно планирање ја прогласи за природна реткост -спелеолошкиот објект – Киселичката Пештера која се наоѓа на подрачјето на Општина Делчево во селото Киселица. Согласно со Решението за прогласување за природна реткост, со неа ќе управува Општина Делчево, а со цел да се спречи нејзино оштетување, уништување, како и да се спречи извршување на други активности од страна на физички и правни лица со кои директно или индиректно може да се загрози природната реткост, градоначалникот презема активности за чување и одржување на природната реткост. Исто така, ќе се спроведат заштитно-превентивни мерки, но и ќе се преземат активности за уредување на просторот, поставување информативни табли и сл.

Иако релативно мала, Киселичка Пештера е значајна од повеќе аспекти. Таа претставува ретка регистрирана појава на пештера во источниот дел од Македонија, поточно во Краиштидната тектонска зона, каде досега се регистрирани само две пештери (Киселичка Пештера и Коњска Дупка). Дополнително е значајна и по нејзината појава во мал тектонски блок од тријаски варовници, чија разместеност е многу мала во источниот дел на Македонија.

Специфичен геолошки профил кај с. Ѕвегор

Министерството за животна средина и просторно планирање врз основа на Законот за заштита на природата донесе Решение со кое му се доделува статусот на природна реткост на карактеристичниот геолошки профил во Ѕвегор кој се наоѓа на околу 1 км северно од селото Ѕвегор на надморска висина од 740-850 метри на источните падини на возвишението Илин Камен до патот кој води за граничниот премин со Република Бугарија и зафаќа површина од 7,8 хектари.

Со природната реткост Карактеристичен геолошки профил- Ѕвегор управува Општина Делчево, а со цел да се спречи оштетување, уништување или нагрдување на природната реткост, Општината ќе презема активности за чување и одржување на природната реткост.

Големина на фонт
Контраст