Музеј на град Делчево „Пијанец“

Локалниот музеј на град Делчево „Пијанец“ го чува во себе историското, археолошкото, етнолошкото наследство од Пијанец, а поради фактот што на територијата на Општина Делчево, односно во с. Стамер, е откриена масовната палеонтолошка гробница на пикерминска фауна, овој локален Музеј има обврска и да го промовира и да се грижи за природното наследство од регионот.

Археолошкиот дел од Музејот содржи предмети од неолоитот (5.000 год п.н.е), па сѐ до доцниот среден век (14 век од н.е) и е резултат на двегодишните истражувања реализирани во 2000-2001 година на територијата на Пијанец. Збирката вклучува предмети изработени од керамика, камен, метал и стакло. Предметите се од различи типови и се со различна намена. Има предмети за секојдневна употреба (садови, алати и орудија), предмети со религиозно-обредна функција,  украсни предмети, предмети за стоковно-парична размена.

Предметите во етнолошата збирка потекнуваат од Пијанечкиот крај. Преку оваа збирка составена од оригинални предмети се дава слика за традиционалниот живот во Делчевско исполнет со екстензивно земјоделие, сточарство, но и занаетчиство создавано од самоуките мајстори кои граделе сами живеалишта, произведувале храна, облека, предмети за секојдневна употреба. Самата збирка е со мешовит карактер, која во себе содржи предмети изработени од текстил, дрво, метал и керамика. Поголемиот број предмети се рачно изработени во домашни работилници што претставува сведоштво за развојот и уметничкото творештво на луѓето кои твореле и живееле на овој крај.

Музејот се наоѓа на третиот спрат од Спомен-домот АСНОМ.

Големина на фонт
Контраст