Со едукативни предавања во двете основни училишта „Ванчо Прке“ и „Св.Климент Охридски“ во Делчево на теми сообраќај и безбедно учество на учениците како пешаци во сообраќајот започна реализацијата на годинешната Кампања „Се движиме безбедно“ која се спроведува трета година по ред на подрачјето на Општина Делчево. Целта на овие активности е запознавање со правилата и прописите за одговорно учество во сообраќајот на децата како пешаци, важни за нивната возраст, како што е: поминување на пешачки премин, поминување на улица, каде нема обележан пешачки премин, а беше реализирано и нагледно предавање на улица, каде беа разработувани практични примери.
Активностите се во организација на Општина Делчево и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево, а во соработка со основните училишта „Ванчо Прке“, „Св.Климент Охридски“, СОУ „Методи Митевски- Брицо“, Детската градинка „Весели Цветови“, Дневниот центар за лица со посебни потреби, Полициската станица од општа надлежност Делчево, Регионалниот центар за гранични работи – Исток, Советот на млади во Општина Делчево и други заинтересирани лица.
Кампањата „Се движиме безбедно“ е дел од превентивните активности предвидени во Годишната програма за работа на ОСБСП Делчево и Акцискиот план на Стратегијата за безбедност на патиштата Делчево, а има за цел да ја унапреди безбедноста на пешаците со акцент на децата како пешаци во сообраќајот.
Безбедноста на децата во сообраќајот е дефинирана како највисок приоритет на локално и нацонално ниво имајќи го предвид фактот дека тие припаѓаат во групата ранливи учесници во сообраќајот за кои е потребно да бидат унапредени условите за нивно безбедно движење по улиците и патиштата, но и да се зголемат нивните знаења за сообраќајната инфраструктура, сообраќајната сигнализација и правилата и прописите преку кои би се самозаштитиле како учесници во сообраќајот.
Податоците за сообраќајни незгоди за 2024 година покажуваат дека во 4% од СН учествувале деца од старосната категорија 0-14 години, а во 7% од СН учествувале деца и млади од старосната категорија 15-24 години односно 11% од вкупниот број евидентирани лица кои учествувале во СН се деца и млади од овие старосни категории. Исто така согласно распределбата на лица кои учествувале во СН во зависност од старосната структура и последиците се забележува дека 18% од вкупно повредените лица се од старосните категории 0-14 и 15-24 години.
СЕ АПЕЛИРА ДО ВОЗАЧИТЕ НА ДЕЛОТ ОД ПАТОТ ИЛИ УЛИЦАТА КАДЕ СЕ ДВИЖАТ ДЕЦА ИЛИ СЕ ПОСТАВЕНИ СООБРАЌАЈНИ ЗНАЦИ ЗА УЧЕСТВО НА ДЕЦА ВО СООБРАЌАЈОТ, ДА ВОЗАТ СО ОСОБЕНА ПРЕТПАЗЛИВОСТ И ПРИЛАГОДЕНА БРЗИНА ЗА ЗАПИРАЊЕ НА ВОЗИЛОТО ВО СЛУЧАЈ НА ПОТРЕБА!!!