
Општина Делчево ја заврши реконструкцијата и рехабилитацијата на локалниот пат кој води до село Нов Истевник, поточно до маалото Пасјак. Станува збор за патен правец кој долги години беше во исклучително лоша, речиси непроодна состојба, со оштетен коловоз и бројни дупки кои го отежнуваа секојдневното движење на жителите.
Со овој проект целосно е извршена санација на коловозната конструкција, извршено е тампонирање и поставен е нов асфалтен слој со што патот доби сосема нов, модерен изглед. Ова значи значително подобрување на безбедноста во сообраќајот, но и полесен пристап до домовите, нивите и земјоделските имоти на жителите од маалото Пасјак.
„Реконструкцијата на овој пат претставува уште една реализација од годишната програма на Општина Делчево за подобрување на локалната патна инфраструктура. Со ваквите инвестиции, локалната самоуправа покажува јасна определба за рамномерен развој на сите населени места, без разлика дали станува збор за урбани или рурални средини.“, изјави Трајковски.