Силата на една жена – Трибина во чест на Розовиот октомври

  • Новости

Со доделување на наградите од конкурсот „Силата на една жена“ на која твореа ученици од СОУ „М.М.Брицо“ се заокружија активностите по повод Розовиот месец-октомври-посветен на борбата со карциномот на дојка, но и да се  подигне свеста кај младите за значењето и поддршката што ја заслужува секоја жена која се соочува со оваа болест.

На настанот кој беше организиран од ЈЛБ „Илинден“, Ученичката заедница во СОУ „М.М.Брицо“, а со поддршка на ЈЗУ Здравствен дом „Гоце Делчев“ и Општина Делчево, учествуваа и жени кои се избориле со оваа болест или сè уште ја водат таа битка, како и претставници од граѓанскиот сектор.

Градоначалникот Иван Гоцевски кој зеде активно учество на трибината го потенцираше настанот како значаен за подигање на свеста кај жените за превентивни прегледи, бидејќи превенцијата е најдобар лек во борбата со оваа болест.

– Пред сè, како одговорен човек, а потоа како градоначалник и сакајќи да бидам вклучен во сите активности и потреби на моите сограѓани, посебно на една ваква важна тема-сакам да ја запознам јавноста дека Општина Делчево ќе работи посветено на темата здравствена едукација, не само на жените туку и на мажите, нешто што ќе се предвиди и во Годишната програма за еднакви можности на жените и мажите- со низа активности, а исто така, најавувам дека на Првата седница на Советот што ќе се одржи наскоро, ќе се формира и Комисијата за еднакви можности како тело задолжено да работи и да создава услови за инклузивно, современо и демократско општество. Воедно, како градоначалник, испраќам апел до претставничките на Здравствениот дом од Делчево, да ја стават во функција целата инфраструктура и човечките здравствени ресурси за полесен пристап на пациентките до превентивни прегледи за карцином на дојка во Делчево, а исто така, апелирам, во соработка со граѓанскиот сектор, да се организира центар за психолошка поддршка на жените, бидејќи тоа е период кога жените се најранливи и кога мора како одговорна општина да помогнеме сите заедно, да се победи оваа болест, истакна Гоцевски.

Од стручен аспект на темата говореа доктор Билјана Ѓеоргиевска – психијатар и доктор Адријана Илиевска Велковски, рендгенолог, а свое искуство во борбата со болеста споделија неколку силни жени.

Директорката на ЈЛБ „Илинден“ Билјана Петровска истакна дека целта на настанот е да се оддаде признание на сите жени кои се во оваа борба и кои оствија зад себе светол пример.

Вие сте нашата инспирација. Вие сте нашата порака дека животот вреди да се живее, дека љубовта лекува, дека верата чуда создава. Вашата приказна не е приказна за болест, таа е приказна за победа, за човечност и непокорност, нагласи Петровска.

Инаку, Комисијата за избор по конкурсот ги награди следните ученички: Првото место го освои Сара Ангелова; Второ место за Сара Тодоровска; Третото место ѝ припадна на Ана Мавродиева.

Shares