Градоначалникот Гоцевски: Ја враќаме довербата на граѓаните кон локалните институции

  • Новости

Градоначалникот на Општина Делчево и општинската администрација од денес започнуваат со имплементација на НОВА ПРОГРАМА ЗА КОМУНИКАЦИЈА СО ЈАВНОСТА со единствена цел: да се врати довербата на граѓаните кон локалните институции со цел вистинска јавна и транспарентна општина која е суштински одговорен сервис за граѓаните.

Ова го истакна градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, во својата прва прес-конференција и најави дека на неделна основа ќе се реализираат отворени и јавни тематски прес- конференции за сите тековни активности на Општина Делчево.

-Во наредниот период во најкус можен рок, оваа моја политичка определба ќе се преслика и во локалните институции коишто се под мои ингеренции, со цел делчевската и пожироката јавност да биде запозната со сите детали од нивното работење. Веќе дадов насоки за екипирање на лицата во општинската администрација коишто ќе бидат ставени на располагање на граѓаните и јавноста за оваа цел. Главна цел е драстично подробрување на јавноста и транспарентноста на работата на: Градоначалникот на Општина Делчево; Советот на Општина Делчево; Локалниот младински совет на Делчево; Месните и урбаните заедници при Општина Делчево; Општинската администрација; Локалните институции под ингеренции на Општина Делчево. Во функција и развој на зголемено ниво на демократија во нашата локална заедница, нагласи Гоцевски.

Гоцевски на првата прес-конференција истакна дека довербата дадена од граѓаните обврзува да се зборува и работи за една поинаква општина.

овербата што ми ја дадовте, за мене не е само изборен резултат-тоа е еден вид завет, голема обврска и безусловен поттик да се работи искрено и одговорно, бидејќи нашиот роден град заслужува напредок, правда и достоинство. Со задоволство ве информирам дека започнуваме заедничка мисија-да ја изградиме општината што ја посакуваме и што ја заслужуваме. Затоа најавувам дека од денес зборуваме за една поинаква општина: Општина што слуша, општина што работи и општина што се грижи за секој граѓанин. Нема повеќе затворена општинска администрација,нема повеќе затворен градоначалник кој комуницира преку напишани соопштенија преку фејсбук, или преку изнудени обраќања во јавност на снимени прес- конференции од градоначалничкиот кабинет, нема веќе затворени локални институции, заклучи Гоцевски.

Shares