Показна вежба по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди во Делчево

  • Новости

Со показна вежба- спасување на повредено лице во сообраќајна незгода со едно возило, во Делчево се одбележа Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди. Лицето имаше повреди на телото од стакло, односно од страно тело, кое бара посебна интервенција од страна на стручно лице за санирање на повредите и затоа е важна брзината на интервенцијата на службите и навремено транспортирање на пациентот до болничките ургентни центри.

Оваа вежба ја покажа подготвеноста на МВР, Итната медицинска помош и ТППЕ Делчево за постапување при сообраќајни незгоди, а овој тип сообраќајни незгоди – со едно возило е најзастапен на подрачјето на Општина Делчево во последните пет години и од тие причини е обработен во оваа показна вежба.

Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека важноста на овој ден е да оддадеме почит кон сите кои го изгубиле животот или биле повредени во сообраќајни незгоди и дека овој ден нè потсетува дека зад секоја бројка и статистика стои човечки живот и со секоја жртва или телесна повреда, заедницата губи повеќе од индивидуалец – заедницата го губи неговиот потенцијал, неговото идно влијание во општеството.

– Нашата визија е до 2030 година да постигнеме за 50% намалување на сообраќајните незгоди со последици. Затоа повикувам на координација и соработка на сите засегнати страни кои можат да придонесат за воспоставување функционален и одржлив систем за управување со безбедноста во сообраќајот. Но, пред сè, испраќам порака до сите учесници во сообраќајот: Почнете од себеси- Возете одговорно и безбедно, бидете одговорни учесници во сообраќајот. Ниту една дестинација не е поважна од човечкиот живот. Ние како општина ќе ги преземеме сите мерки за поголема безбедност во сообраќајот во нашата општина, истакна Гоцевски.

Анализата на податоците за сообраќајни незгоди на подрачјето на Општина Делчево кои се случиле во периодот 2020-2024 година покажува дека 6 лица го имаат загубено животот, а со тешки и лесни повреди се здобиле над 150 лица.

Настанот е организиран од страна на Општина Делчево – Општински совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево, а во соработка со Сообраќајната полиција, Инспекторот за превенција при Полициската станица од општа надлежност Делчево, Здравствениот дом „Гоце Делчев“ Делчево, Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Делчево и ученици до СОУ „М.М.Брицо“.

Со цел обезбедување поддршка на лицата кои доживеале сообраќајна незгода, како и на нивните семејства, ги промовираме бесплатните телефонски линии за психосоцијална поддршка за општа популација и ранливо население на Црвениот крст на РСМ: сообраќајна незгода:

· +389 72 271 048 Скопје

· +389 71 338 081 Кочани

· +389 203 030 Штип

Shares