Машкото здравје во фокус

  • Новости
По повод Месецот на машкото здравје, ноември, Комисијата за еднакви можности на Општина Делчево организираше трибина со мултидисциплинарен пристап кон машкото здравје на која учество зедоа доктори од различни области од Здравствениот дом во Делчево На трибината со наслов „Фокус на машкото здравје“, говореа: д-р Адријана Илиевска-Велковски, спец. по радиологија, д-р Билјана Ѓеоргиевска, спец. по психијатрија, д-р Даниела Цветковска, спец. по неврологија, д-р Тони Ѓеоргиевски, спец. по интерна медицина, д-р Александар Стојменовски.

Редовните прегледи на мажите и нивното психичко здравје се најважните фактори во борбата против болестите кои се специфични за мажите, заклучија докторите. Преку овој мултидисциплинарен пристап на здравјето на мажите, тие сите заедно се обединија за јавно и гласно да говорат против табуата и стереотипите и да апелираат до машката популација за редовни здравствени прегледи.

Како претседател на Комисијата, би сакала да истакнам дека главната цел на оваа работилница е промовирање на машкото здравје, отворање простор за разговор, подигнување на свеста и поттикнување на мажите да водат поголема грижа за своето здравје. Ова е одлична можност да започнеме серија активности што ќе придонесат за подобрување на здравјето на мажите и жените во нашата општина, истакна д-р Адријана Илиевска-Велковки, претседателка на КЕМ.

Градоначалникот Гоцевски кој присуствуваше на трибината ја поздрави иницијативата на новоформираната Комисија за еднакви можности на Општина Делчево и порача дека таа треба да биде една од најактивните комисии, бидејќи има големо поле за работа.

-Комисијата вечерва покажа дека за нив во фокусот се еднаквите можности и на мажите и на жените, кога е здравјето во прашање. Со оваа трибина и со поддршка на нашата претседателка на КЕМ, д-р Адријана и нашите доктори од Здравствениот дом во Делчево, но и со еден мултудисциплинарен пристап на машкото здравје, остваруваме една од нашите цели, а тоа е подигање на јавната свест за превенцијата и раното откривање на болестите и грижата за машкото здравје, бидејќи тоа не е само машки проблем, туку проблем и на целото семејство, нагласи Гоцевски.

Shares