
Ја реализираме нашата базична програмска определба за максимална буџетска транспарентност и ефикасна имплементација на приоритетните проекти за подобрување на живеењето во општина Делчево. Во насока за остварување на максимална транспарентност и јавност во работата на општина Делчево а со цел за овозможување на што поголема доверба на граѓаните кон локалната самоуправа, денес го објавуваме Предлог-Буџетот за работа на општина Делчево кој што ќе биде точка на дневен ред за донесување на наредната седница на Советот на Општина Делчево која ќе се одржи на 30.12.2025 со почеток во08:00 часот во Мултифункционалниот центар на Општина Делчево. На тој начин како продолжение на сите досегашни активности и мерки кои што беа преземени од моја страна како Градоначалник на Општина Делчево, додаваме уште еден нов механизам за подобрување на јавноста во процесот за донесувањето на вистински граѓански буџет на Општина Делчево, кој што во рамки на своите можности ќе овозможи максимален учинок и реализација на проекти за подобрување на стандардот на сите граѓани во Делчево. Во Буџетот за работа на Општина Делчево за наредната 2026 година, се вградени:
– Приоритетните проекти истакнати како потреба на граѓаните во рамки на Буџетскиот форум,
– Потребите на граѓаните искажани директно кон мене како градоначалник во рамки на моите секојдневни средби со граѓаните,
– Проектите предвидени во програмата која доби најголема доверба од граѓаните на последните локални избори,
– Иницијативите, идеите и потребите на стопанството кои произлегоа од мојата постојана комуникација со претставниците на приватниот сектор,
– Функционалните и развојните програми на нашите граѓански организации и секоја конструктивна идеја на секој граѓанин во нашата општина.
Целокупната јавност има право да знае каде се трошат нивните финансиски средства одвоени од Буџетот на граѓаните и како на најефикасен начин истите треба да бидат распределени во Буџетот на општината за 2026 година. Упатувам искрена благодарност за сите граѓани но и службениците во општинската администрација кои зедоа активно учество во процесот за креирање на Буџетот за работа на општина Делчево за наредната година.



