Селото Селник денеска доби нов состави на Советот и претседател на Месната заедница. Советот е составен од 3 члена, а за претседател е избран Љупчо Стојановски.
Со денешниот избор на МЗ на с. Селник, Општина Делчево го продолжува процесот на активирање на месните и урбаните заедници кои имаат клучно значење за развојот на една општина, затоа што тие се најдиректната врска меѓу граѓаните и локалната самоуправа. Активните месни и урбани заедници овозможуваат жителите активно да учествуваат во носењето одлуки, да се детектираат нивните приоритети со што се овозможува, потребите на жителите од секое маало и секое населено место, да бидат видливи.
Процесот на формирање нови совети на месните и урбаните заедници, Општина Делчево го започна кон крајот на минатата година и досега се формирани 15 нови состави на советите од 29 кои функционираат во Општина Делчево и тоа во: с. Габрово, с. Вирче, с.Стамер, с. Разловци, с. Тработивиште, с. Стар Истевник, с. Нов Истевник, с. Вратиславци, с. Бигла, с. Турија, с. Драмче и с. Селник и урбани заедници во Стар Расадник и Први Реон.
За прв пат на територијата на Општина Делчево е избрана и жена за претседател на месна заедница. Во с. Вратиславци за претседателка на Месната заедница е избрана Слободанка Митевска.
Градоначалникот Иван Гоцевски изрази задоволство од интензитеот на процесот на активирање на месните и урбаните заедници и од интересот на жителите за учество во работата на советите. Тој уште еднаш ја истакна важноста на функционирањето на месните и урбаните заедници кои се основната клетка во една општина со огромно значење за секој граѓанин, бидејќи преку оваа форма на организирање се овозможува граѓаните да се активни во својата заедница, да дадат придонес во решавањето на нивните секојдневни проблеми и да придонесат за подобро функционирање на општината.
Во таа смисла, Општина Делчево ги повикува граѓаните да се активираат и да придонесат со свое учество во процесот, а посебно жените, да бидат поактивни и да се ангажираат во работата на советите во нивните места на живеење, бидејќи нивниот глас и нивните приоритети се важни во креирањето на една одговорна општина, општина која создава еднакви можности.



