
Буџетот на Програмата за образование за 2026 година на Општина Делчево е поголем за 250.000 денари, средства наменети исклучиво за поддршка на талентирани ученици и студенти во Делчево. За оваа 2026 година општинските стипендии и награди пораснаа од 500 до 1.000 денари, додека првенците на генерацијата ќе добиваат еднократна парична награда.
Имено, во категоријата општински стипендии за талентирани ученици кои доаѓаат од семејства со ниски приходи се планирани 10 стипендии со месечен износ зголемен од 1.500 на 2.000 денари, додека во втората категорија стипендии за талентирани ученици кои постигнале особено висок успех се планираат 8 стипендии, а износот на стипендијата се зголемува од 2.000 на 2.500 денари. И студентски стипендии се зголемуваат за 500 денари, односно во категоријата студенти кои се од семејства со ниски приходи износот на стипендијата се зголемува од 2.000 ден на 2.500 ден, додека стипендијата во втора категорија за талентирани студенти е зголемен од 3.500 на 4.000 ден. Предвидено е и зголемување на стипендијата за ученик со попреченост, од 1.500 на 2.000 денари. За прв пат се воведува еднократна парична награда за првенец на генерација: по 20.000 денари за основно образование и 30.000 денари за средно образование. Наградата за најдобрите матуранти од делчевската гимназија, годинава се состои од ваучер во износ од 20.000 денари за 15 матуранти, мерка што значи награда за постигнатите резултати во средното образование во СОУ „М.М.Брицо“ во Делчево. Исто така, за 1.000 ден е зголемен износот за запишани првачиња во основните училишта во Делчево од 3.000 на 4.000 ден. и износот за еднократна награда за најдобри ученици Роми, за основците од 5.000 на 6.000 ден, додека за најдобриот ученик Ром во средното образование износот е зголемен на 11.000 ден.
Градоначалникот Иван Гоцевски посочува дека со Програмата за образование за 2026 година се вложува таму каде што навистина има вредност – во знаењето, трудот и иднината на нашите млади.
– Со овие мерки испраќаме јасна порака – трудот се препознава, знаењето се поддржува, а успехот се вреднува. Ќе продолжиме да создаваме услови во кои секое дете ќе има можност да напредува и да ја гради својата иднина тука, во Делчево, нагласи Гоцевски.
Јавниот конкурс за доделување општински стипендии ќе биде распишан во текот на овој месец.



