Царево Село низ страниците на времето 1924-1937г. -отворена изложба на новинарски текстови во ЈЛБ „Илинден“

  • Новости

Новинарски текстови во дневни весници пишувани пред еден век зборуваа за нашето Царево Село  јасно сликајќи конкретни настани и личности кои дале свој белег во тоа време. Десетина статии беа денеска собрани во една убава изложба посветена на историјата и културното минато на нашето Царево Село претставувано преку архивски текстови и пишани извори во периодот 1924-1937 година. Изложбата е во организација на ЈЛБ „Илинден“ и како што истакна директорката на ЈЛБ „Илинден“, Билјана Петровска, овој период е време на промени, предизвици, надежи и борби.

 Весниците од секогаш биле доказ, гласот на јавноста, хроника на случувањата и огледало на општеството. Токму преку нив, денес можеме да ја почувствуваме атмосферата на времето и да ја разбереме важноста на нашето место во поширокиот историски контекст. Се надевам дека изложбата ќе поттикне на размислување, разговор и понатамошно истражување на нашето минато, затоа што само познавајќи го минатото, можеме посигурно да чекориме кон иднината. Благодарниост до Мартин Димоски од Скопје што ни ги испрати овие извадоци од весници во кои се споменува Царево село, нагласи Петровска.

На отворањето на изложбата присуствуваше и градоначалникот на опшптина Делчево, Иван Гоцевски кој изрази задоволство од експонатите на изложба.

–          Во оваа прилика им честитам за убавата иницијатива и за трудот да се соберат и да се промовираат овие новинарски статии пожолтени од времето, но богати по содржина и значење. Тоа е историја, доказ за животот во овој град, сведоштво за луѓето кои го влечеле тешкото секојдневие на својот грб, но и јасен показател за нашето минато, идентитет и борба за опстој. Ми претставуваше посебно задоволство што денеска присуствував на оваа изложба и што имав можност лично да посведочам за овие страници низ времето- кои покажуваат дека иако времињата се менувале, духот на делчевци и Делчево останува да пркоси низ времето, истакна Гоцевски.

Сите заинтересирани граѓани ќе можат да посведочат за изложбата која ќе биде поместена во холот на библиотеката.

Shares