
Започнаа градежните работи за изградба на улицата „Видое Смилевски-Бато“ во населбата Расадник. Во моментов се извршуваат земјени работи за изградба на улицата која ќе се гради во должина од 180 метри, а претходно за овој дел од населбата ќе се изгради и фекална канализација. Во проектот е предвидена изградба и на потпорен ѕид- како посебна заштита поради конфигурацијата на теренот.
Градоначалникот Иван Гоцевски изврши увид во текот на работите при што истакна дека со реализацијата на овој инфраструктурен проект, конечно, Општината конкретно одговара на потребите на жителите кои скоро половина век живеат без основната инфраструктура.
– Улицата се наоѓа во највисокиот дел во населбата Расадник, на тешко пристапен терен. Но, како одговорна локална власт, ние мора да овозможиме соодветна инфраструктура за сите жители. Реализацијата на овој проект ќе значи подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, современа сообраќајница и поголема безбедност во сообраќајот, а од друга страна, овој дел од населбата ќе добие современ урбан лик и нема повеќе да има калливи или прашливи улици. Воедно, сакам да најавам дека во наредната фаза ќе се проектира и улицата „Грозданец“ во населбата при што ќе се поврзат двете улици што верувам дека е голема потреба на жителите од овој дел од населбата, истакна Гоцевски.
Вредноста на работите за изградба на улицата „Видео Смилевски-Бато“ е 6,5 милиони денари, средства од Владата на РСМ преку Министерството за транспорт и врски, а работите ги изведува делчевската фирма СД-ТРАНС од с. Ѕвегор, Делчево. Работите треба да завршат до 01.09.2026 г.



