
Градоначалникот на Општина Делчево Иван Гоцевски организираше ифтарска вечера по повод светиот месец Рамазан за верници од муслиманска вероисповед во Делчево.
По тој повод Гоцевски упати порака за почит, солидарност и заедништво и за почитување на вредностите кои секогаш биле водилки во нашата заедница.
-Нашата општина секогаш била пример за соживот и почитување на различностите. Заедно сме и во болка и во радост и во сите периоди од развојот на Делчево, како заедница сме чекореле заедно, сме граделе мостови со почит и доверба. Затоа особено ме радуваат ваквите средби и споделувањето на размислувањата и молитвите кои дополнително ја зацврстуваат довербата и традицијата. Ако ифтарот е симбол на трпение, благодарност и споделување со другите, тогаш нека ни биде светол пример во нашите заеднички напори – да продолжиме да градиме заедница во која почитта и хуманоста се темел на секое наше дело, нагласи Гоцевски.
Инаку, Рамазан е 9-от месец од Хиџретскиот календар, месецот во кој е спуштен Куранот-Светиот Аллахов говор, објавен на Мухаммед синот на Абдуллах Последниот Божји Пратеник. Во месецот Рамазан е пропишан пост за секој возрасен и здрав муслиман. Постот се состои во воздржување од јадење и пиење во текот на денот, во период од 29 или 30 дена, односно во текот на целиот месец Рамазан.




