Гоцевски: Меѓуопштинската соработка е значајна алатка за надминување на предизвиците на општините

  • Новости

Зајакнувањето на меѓуопштинската соработка во локалната самоуправа беше тема на работилницата што денеска се одржа во Скопје, а во организација на СИГМА и Министерството за локална самоуправа. Фокусот на сесиите беше ставен на развој на нови и унапредени механизми и политики за зајакнување на меѓуопштинската соработка, анализа на добри практики од национално и меѓународно ниво, како и разгледување можни измени и дополнувања на правната рамка, врз основа на досегашните искуства и идентификуваните предизвици.

На работилницата активно учествуваа и воведни обраќања имаа Златко Перински, министер за локална самоуправа, Игор Јанушев, генерален секретар на Влада, Беким Сали, министер за европски прашања, Душица Перишиќ, директор на ЗЕЛС, како и Баграт Тунјан, државен менаџер за Република Северна Македонија, раководител на тимот за стратешко планирање, развој на политики, OECD/SIGMA.

За градоначалникот Иван Гоцевски кој учествуваше на работилницата, меѓуопштинската соработка претставува сè позначајна алатка за надминување на ограничувањата во капацитетите, унапредување на квалитетот на услугите и обезбедување одржлив локален развој.

– Со оглед на тоа што локалните самоуправи се соочуваат со сè поголеми барања и сè поограничени ресурси, искуството и лидерството на градоначалниците, како и на квалификуваниот локален кадар, се од суштинско значење за идентификување практични применливи решенија. Меѓуопштинската соработка претставува важна алатка преку која општините можат заеднички да ги надминат ограничувањата во административните и финансиските капацитети, да реализираат заеднички проекти и да обезбедат поефикасни и поквалитетни услуги за граѓаните, нагласи Гоцевски.

Оваа работилница се организираше како дел од пошироката јавна консултација на Министесртвото со локалните самоуправи со цел да се обезбедат насоки за идните реформи и креирање политики во областа на меѓуопштинската соработка. Покрај презентациите на локалните национални и меѓународни искуства, настанот стави силен акцент на интерактивната дискусија за размнеа на искуства меѓу учесниците.

Shares