Одбележан Виолетовиот ден-Денот на лицата со епилепсија

  • Новости

По повод 26 Март – Денот на лицата со епилепсија, а со цел подигнување на јавната свест, намалување на стигмата и унапредување на разбирањето за оваа состојба, ОО на Црвениот крст Делчево во соработка со Здравствениот дом и СОУ „М.М.Брицо“  организираа настан посветен на поддршка и информирање на граѓаните.

Настанот се одржи во Конгресната сала на СОУ „М.М.Брицо“ Делчево и опфати едукативни активности, стручни обраќања, како и можност за запознавање со постапките за укажување прва помош при епилептичен напад. Свои стручни излагања имаа: д-р Билјана Ѓеоргиевска, спец.по психијатрија, д-р Љупка Калаџиска, спец. по педијатрија и д-р Даниела Цветковска, спец.по неврологија.

Настанот го отвори градоначалникот Иван Гоцевски кој посочи дека ваков настан се одржува за прв пат во Делчево, а по повод Светскиот ден на лицата со епилепсија, познат како –виолетов ден и ја симболизира солидарноста, поддршката и разбирањето.

– Овој ден нè потсетува дека зад секоја дијагноза стои човек со свои соништа, способности и право на достоинствен и исполнет живот и секое дете заслужува да го живее своето детство и да има услови за понатамошен раст и развој.  Затоа, ние како заедница, треба да градиме општество со повеќе разбирање, солидарност и поддршка за лицата кои живеат со епилепсија. Нашата обврска е да придонесеме кон подигање на свеста, намалување на предрасудите и создавање услови секој човек да се чувствува прифатен и рамноправен. Само со информираност, хуманост и заедништво можеме да изградиме средина во која различностите се почитуваат, а поддршката е секогаш присутна, нагласи Гоцевски.

Тој истакна дека наша обврска како хумано општество е да помогнеме на нашите сограѓани- заедно да ја поминеме патеката на лекување, од дијагностика до итни медицински интервенции-редовната терапија и лекувањето и ги охрабри одговорните лица во Здравствениот дом во Делчево да се посветат на набавка на соодветни апарати и третмани за лекување со цел пациентите да ги добиваат тие услуги тука.

 

Shares