
Раната превенција од пожари на отворен простор денеска беше тема на Состанокот на Општинскиот штаб за заштита и спасување. На Состанокот, надлежните инстистуции ги изнесоа анализите и видувањата со состојбата на пожарите на отворен простор во Делчево, информација од минатогодишната состојба со пожарите на отворен простор, увид на оперативните планови за заштита и спасување од пожари, но се дискутираше и за состојбата со силите за заштита и спасување од пожари на надлежните служби, но беше извршена и анализа на извршените подготовки и материјално-техничка опременост на надлежните за заштита на шумите и др. отворени простори од пожари.
Градоначалникот Гоцевски кој претседава со телото, посочи дека Општинскиот штаб за заштита и спасување има исклучително важна улога во превенцијата од пожари, особено во периодите кога ризикот од шумски и пожарите на отворено е зголемен.
–Анализата од пожарите од минатите години укажуваат на сериозноста и опасноста која со себе ја носат пожарите на отворено и бара будност од сите и преземање низа превенитивни мерки кои се насочени кон намалување на веројатноста за настанување пожар и намалување на изложеноста и ранливоста на населението, објектите и инфраструктурата, навремена координација со сите надлежни институции, да се зајакне подготвеноста на противпожарните служби и да се преземат превентивни мерки со кои ќе се заштитат граѓаните, имотот и природата, истакна Гоцевски.
Гоцевски нагласи дека само преку заедничка работа со ТППЕ, јавните претпријатија и другите служби, се создава систем на навремена реакција, но истовремено се апелира и до граѓаните да бидат внимателни и одговорни и да се вклучуваат во акциите при гасење пожари.
На Состанокот беше потенцирано дека ефикасниот систем за превенција и рано предупредување претставува клучен елемент во намалувањето на последиците од пожари, особено шумските пожари кои на подрачјето на Делчево се карактеризираат со брзо ширење во ридско-планински услови. Раното откривање и навременото информирање овозможуваат побрза мобилизација на ресурсите, подобра координација и значително намалување на материјалните и еколошките штети.
Инаку, директните загуби од шумските пожари во периодот од 2004 година, па до 2025 година согласно со Годишните оперативни планови за заштита на шумите од пожари изработени од страна на ЈП НШ ПШС Голак – Делчево покажуваат дека во вкупно 109 шумски пожари опожарени се 4132,77 хектари шумски површини и изгорени се 316.257 м3 дрвна маса при што е причинета директна материјална штета од 2.641,800,693 денари. Но, штетата од пожарите во шумите не се мери само со директните штети врз дрвната маса- последиците се многукратни: од ерозија на земјиште до уништување на живиот свет и уништување на сите функции и привилегии кои ги има шумата.
Согласно со анализата од ЦУК Делчево, пожарите на отворен простор започнуваат во месец февруари и траат до октомври, а во периодот од 2012-2025 година има вкупно во евиденцијата на РЦУК – Делчево 384 пожари.
Заклучоците од Состанокот на Општинскиот штаб за заштита и спасување ќе бидат дополнително објавени.




