Македонско Делчево и словенечки Черномељ ја зацрврстуваат соработката

  • Новости

Македонско Делчево и словенечки Черномељ ја зацрврстуваат соработката и ја промовираат својата приказна како позитивен пример на градење пријателство на две општини кои иако се далеку околу 1.000 км, сепак, цврсто поврзани со пријателство и желбата, да креираат нови форми на соработка што ќе донесат и нови позитивни искуства, во насока на  подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во двата града.

Во рамките на посетата на делегацијата на Општина Делчево предводена од градоначалникот Иван Гоцевски, беше остварена работна средба со градоначалникот на Черномељ, Андреј Кавшек на која се разговараше за  нови иницијативи кои уште повеќе ќе ја продлабочат врската меѓу општините, а се однесуваат на локалниот економски развој, културата, образованието, туризмот, младинската политика и меѓуопштинската соработка.

Градоначалникот Гоцевски нагласи дека јасната визија за заеднички развој е нашата водилка, а градењето цврсти партнерства меѓу општините секогаш дава резултати.

-Поврзувањето на потенцијалите на Делчево и Черномељ може да донесе конкретни придобивки за граѓаните и да отвори нови перспективи за економски развој инвестиции и меѓународна соработка. Делчево и Черномељ се очигледен пример дека јасната визија за просперитет може да ги анулира километрите оддалеченост и да ги поврзе како братски општини посветени на развојот и пријателството. Со голема чест и задоволство ја реализиравме нашата посета на Општина Черномељ, пример за една од најорганизираните противпожарни и цивилни заштити на светско ниво, нагласи Гоцевски.

Тој изрази благодарност за нивната досегашна поддршка посебно во опремувањето на ТППЕ Делчево и во едукацијата на млади од Делчево преку летните кампови за справување со кризни ситуации.

На територијата на Општина Черномељ функционираат 27 доброволни противпожарни друштва, опремени со најсовремена опрема и подготвени преку континуирани тренинг кампови и обуки. Овој систем претставува вистински модел за ефикасност, посветеност и заедничка грижа за безбедноста на граѓаните.

Делегацијата од Општина Делчево во чиј состав беа и претставници од ТППЕ Делчево имаше можност одблизу да се запознаат со организацијата, координација и професионалност на доброволните противпожарни служби што претставува поттик за понатамошен развој и унапредување и на силите во Делчево.

Shares