
По 24 часа работа на дефектот на главната водоводна линија, синоќа по полноќ, Делчево доби вода во водоводната мрежа.
Градоначалникот Иван Гоцевски кој ја следеше инсталација на новиот дел во главната шахта, изрази задоволство од работата на стручните екипи на ЈКП „Брегалница“.
– По речиси 24 часа интензивна и непрекината работа, дефектот на главната водоводна линија е целосно саниран и водоснабдувањето постепено се нормализира. Сакам искрено да се заблагодарам на сите граѓани за трпението, разбирањето и поддршката во текот на оваа исклучително сложена интервенција. Стануваше збор за сериозен дефект на главниот доводен цевковод чие отстранување бараше максимална ангажираност и стручност. Изразувам јавна благодарност до екипите на ЈКП „Брегалница“ што успеаја за само 24 часа да го решат овој сложен зафат и да се санира раздвојниот елемент во главната шахта бр 1 . Изразувам благодарност и до ТППЕ Делчево, волонтерите на Црвениот крст и до сите општествено одговорни компании кои излегоа пресрет и помагаа граѓаните да бидат снабдени со доволно количини вода, нагласи Гоцевски.
За работниците кои макотрпно работеа на отстранување на дефектот градоначалникот Гоцевски иницира постапка за доделување на награда која ќе биде доделена по повод празникот на градот, 7 Септември.



