Потпишан договор за соработка со италијанската општина Рикалдоне

  • Новости

Општина Делчево, Општина Македонска Каменица и италијанската Општина Рикалдоне потпишаа трилатерален договор за соработка, со што се отвораат нови можности за партнерство во повеќе области, со посебен акцент на зачувувањето на македонскиот јазик и култура преку воведување на македонскиот јазик во образовниот процес во регионот Пиемонт.
Договорот беше потпишан во Рикалдоне, Италија, од градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, и градоначалничката на Општина Рикалдоне, Лаура Грациела Бруна во присуство на генералниот конзул на Република Македонија во Венеција, Фросина Ременски.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека договорот претставува значаен исчекор во градењето цврсти меѓународни партнерства и отвора нови перспективи за соработка во образованието, културата, економскиот развој, туризмот и размената на добри практики.
Посебно ја нагласи важноста на иницијативата за воведување на македонскиот јазик во образовниот процес во регионот Пиемонт, оценувајќи дека станува збор за силна порака за грижата кон македонската заедница во Италија и значаен придонес во зачувувањето на македонскиот јазик, култура и национален идентитет кај помладите генерации.
Гоцевски посочи дека Општина Делчево останува посветена на развивање меѓународни партнерства кои ќе донесат конкретни придобивки за граѓаните, преку реализација на заеднички проекти, размена на искуства и поголемо искористување на европските фондови.
Градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, оцени дека договорот не претставува само формален чин, туку обврска за создавање конкретни проекти и резултати во интерес на граѓаните на трите општини.
Според потписниците, трилатералната соработка ќе биде насочена кон реализација на заеднички активности во образованието, културата, младинските политики, туризмот, економскиот развој и европските проекти, со цел унапредување на локалниот развој и зајакнување на врските меѓу трите општини.

Shares