
На летната сцена во Делчево вечерва започнува тридневниот концертен спектакл кој ќе понуди забава и уживање за сите генерации. Делчево очекува овој викенд да го посетат илјадници гости од Македонија и соседството.
Согласно со Програмата, настанот започнува во 18.00ч со фолклорното дефиле на играорците кои ќе учествуваат на 31 издание на Голачките фолклорни средби, а настапот на дел од учесниците, започнува во 20.00ч на летната сцена со што и официјално започнува традиционалната манифестација Голачки фолклорни средби која е дел од Делчевското културно лето.
На сцената ќе настапат: Фолклорната група „Вапцаров“, ЖПГ „Ѓурѓа“,ФА „Бели мугри“ Кочани, Етнотрио „Евина“-Ќустендил, Р.Бигарија, Влашката пејачка група „Грамостен“ Скопје и КУД „Дукати“ Крагуевац- Србија.
Фолклорниот дел продолжува со концертот на познатиот Влатко Миладиновски. Првата концертна вечер завршува со настапот на македонската група „Супер хикс“.
Летната сцена на втората фестивалска вечер е резервирана за 31 издание на Голачките фолклорни средби, кои ќе понудат како на дланка дел од фолклорното богатство од Балканот. Ќе настапат 11 фолклорни друштва од Македонија, Србија и Бугарија:
- Фолклорна група „Вапцаров“ Делчево
- КУД „Русалии“ Секирник
- КУД „Вера Јоциќ“ Македонска Каменица
- ЗФГ „Копачка“ с.Драмче
- Оркестар „Осоговски извор“ Оризари – Кочани
- ФА „Радоје Домановиќ“ Рача-Р.Србија
- Пејачка група „Изданак“ Рача – Р.Србија
- Народно читалиште „Арсениј Костенцев 1980“ с.Изгрев Благоевград – Р.Бугарија
- ФА „Пиринче“ Благоевград – Р.Бугарија
- ФА „Тиквеш“ Кавадарци
Третата фестивалска вечер ќе донесе кулминација на забавата. На сцената свои минути ќе имаат познатите Иван и Ангел, по што следува концертот на легендарните „Амадеус бенд“.



