Делчево вечерва пулсираше во ритамот на музиката и фолклорот

  • Новости

Со прекрасна атмосфера, огромна посетеност и музичко-фолклорна програма за паметење, вечерва во Делчево успешно заврши првата ревијална вечер од 31. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Голачки фолклорни средби“, во рамките на „Свежо културно лето Делчево 2026“.

Вечерта започна со свеченото фолклорно дефиле низ градските улици, по што летната сцена во центарот на Делчево се исполни со песна, игра, традиција и прекрасни сценски настапи.

Пред многубројната публика своето фолклорно богатство го претставија Фолклорната група „Вапцаров“ од Делчево, ЖПГ „Ѓурѓа“ од Делчево, ФА „Бели Мугри“ од Кочани, Етно трио „Евина“ од Ќустендил, Република Бугарија, Влашката пејачка група „Грамостен“ од Скопје и КУД „Дукати“ од Крагуевац, Република Србија. Со своите извонредни настапи, автентични носии, традиционални песни и игри, учесниците уште еднаш покажаа дека фолклорот е живо богатство кое ги поврзува народите и генерациите. Програмата за првата фестивалска вечер беше предвидена токму со овие учесници, како дел од 31. издание на „Голачките фолклорни средби“.

Фолклорната вечер продолжи со настапот на Влатко Миладиновски, еден од препознатливите македонски фолк-пејачи, кој со својот препознатлив интерпретаторски стил и богат репертоар ја подигна атмосферата на највисоко ниво. Миладиновски е познат по своите настапи во Македонија, но и пред македонската дијаспора, каде што активно ја промовира македонската народна песна.

Публиката потоа имаше можност да ужива во настапот на New Age Messiah – REVIVAL, кој внесе поинаква музичка енергија и дополнително ја збогати концертната програма.

А кулминацијата на вечерта беше спектакуларниот настап на „Суперхикс“. Еден од најпознатите македонски бендови приреди вистински музички спектакл, со кој летната сцена во Делчево беше претворена во голема концертна арена исполнета со позитивна енергија, музика и публика од сите генерации.

Вечерашната огромна посетеност уште еднаш потврди дека културните и музичките настани имаат огромен потенцијал да го збогатат културниот живот, но и да го промовираат Делчево како атрактивна дестинација за посетители од земјата и соседството. Општина Делчево и во рамките на „Свежо културно лето 2026“ создава содржини кои ги обединуваат традицијата, современата музика, културата и туризмот.

Успешната реализација на вечерта е резултат и на одличната организација на Општина Делчево, во соработка со приватниот сектор и партнерите кои ја поддржуваат манифестацијата. Дополнителен придонес во реализацијата на културната програма има и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево, со чија поддршка и соработка традиционално се реализираат значаен дел од културните содржини во градот.

Општина Делчево упатува голема благодарност до сите учесници, организатори, партнери, приватниот сектор и, пред сè, до публиката, која вечерва покажа дека Делчево знае да биде добар домаќин и град во кој културата, музиката и традицијата се слават заедно.

Ова беше само почетокот – „Голачките фолклорни средби“ продолжуваат утре со втората фестивалска вечер и нова богата програма на летната сцена во Делчево.

Shares