
Богатство од носии, традиција, оро и песна обединети под заедничкото име на традиционалниот меѓународен фестивал „Голачки фолклорни средби“, синоќа го обои Делчево во боите на фестивалот и како на дланка го понуди фолклорот од Балканот.
Во рамките на втората фестивалска вечер во Делчево, синоќа се славеше фолклорот и традицијата во рамките на 31-то издание на меѓународниот фолклорен фестивал, а на летната сцена настапија 11 фолклорни друштва од земјава и од соседните земји, Србија и Бугарија.
За градоначалникот Иван Гоцевски кој го отвори фестивалот, фолклорот обединува, но и го чува живото наследство и традицијата.
-Секогаш кога зборувам за фолклорната традиција јас зборувам за почитта на традицијата, за нишката која нè поврзува длабоко со корените, која ткае во себе долги векови живот со богата народна мудрост и уметност, пренесувана од колено на колено.Затоа, вечерва сум посебно горд што уште еднаш даваме посебен придонес во промоцијата и сочувувањето на народната фолклорна уметност. Културата е душата на народот, темелот на нашиот идентитет. Таа не е само спомен на минатото, туку жива сила што го гради нашиот идентитет, ги поврзува генерациите, гради мостови на пријателство меѓу народите. А, нашиот мотив е да продолжиме да ја надградуваме оставштината од сите културни дејци низ историјата кои го етаблираа македонскиот збор, македонската драма, македонската проза и поезија, македонската уметност. Да го изградиме мостот кој поврзува времиња, столетија, но и убавина на уметничките творби, нагласи Гоцевски.
Организатор на Фестивалот е НУЦК„Н.Ј.Вапцаров“-Делчево и Општина Делчево со поддршка на Министерството за култура и туризам.



