Гоцевски: Делчево ги отвора вратите за своите луѓе, каде и да се! Делчево го одржа првиот Форум со иселениците

  • Новости

Под мотото „Делчево е таму каде што има делчевци“, во Делчево се одржа првиот Форум на дијаспората.нФорумот на едно место ги собра иселениците од Италија, Германија, Австрија, Швајцарија,Англија. Граѓани кои доаѓаат од различни градови, држави, од различни страни на светот но ги поврзува родното место..

Пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, кој имаше презентација за можностите за инвестиции во Делчево, тековните активности на Општината за унапредувањето на Локалниот економски развој, а пред сè можностите за соработка и унапредувањето на комуникацијата со делчевската дијаспора. Градоначалникот ги потенцираше своите идеи и програмски определби за унапредување на соработката со делчевската дијаспора, но најважно од сè, за првпат припадниците на делчевската дијаспора можеа да проговорат за нивните потреби и визија за развојот на Делчево.

– Овој Форум, но и сите претходни активности што ги презедовме, изминатиов период, како што е збратимувањето со 4 општини од Италија, каде што живеат и работат многу наши иселеници, е со цел да покажеме дека ние не ги забораваме нашите луѓе во светот. Нивната енергија, љубовта кон родниот крај и желбата да останат поврзани со Делчево се силен мотив да продолжиме да градиме политики кои ќе ја зајакнат врската со дијаспората. И затоа овој Форум не треба да биде само средба на која ќе разговараме за тоа што било и што е денес. Овој Форум треба да биде разговор за тоа што можеме заедно да направиме утре. Вашето знаење, вашите контакти, вашите искуства, вашата енергија и вашата љубов кон родниот крај се капитал кој не смее да остане неискористен. Затоа ве повикувам да бидете негови партнери. Да разговараме за инвестиции, за економски можности, за туризам, за култура, за младите, за образованието, за нови идеи и за проекти што можат да го направат нашиот град подобро место за живеење. Но, пред сè, да разговараме за она што нè поврзува, порача Гоцевски.

На Форумот, дел од иселениците дадоа конструктивни предлози за идна соработка, за јавни приватни партнерства, дефинираа повеќе области на интерес како: недвижнините, туризмот, а посебно од областа на ИТ-технологијата и проекти поврзани со дигитализацијата и формирање развоен хаб во ИТ-технологијата и сл.

Овој форум е дел од програмата „Свежо културно лето во Делчево 2026″.

Shares