
Палеонтолошкиот локалитет кај село Стамер, Делчево, доби обновени информативни табли, со што посетителите повторно имаат можност да се запознаат со богатото природно и палеонтолошко наследство на овој исклучително значаен локалитет.
Локалитетот Стамер претставува едно од најзначајните палеонтолошки наоѓалишта во источниот дел на Северна Македонија. Првите фосилни остатоци биле откриени во 2007 година од жителот на село Стамер, Љубе Митевски, а наодите биле научно потврдени од палеонтологот проф. д-р Ристо Гаревски.
На локалитетот се откриени фосилни остатоци од праисториски животни, меѓу кои жирафа, носорог и елен. Особено значајно е откривањето на фосилни остатоци од Sivatherium garevskii, вид праисториска жирафа кој, според стручните сознанија презентирани при уредувањето на локалитетот, претставува исклучително значаен палеонтолошки наод и прв наод од овој вид во Европа.
Наодите од Стамер сведочат за далечното минато на овој простор, кога климатските и природните услови биле значително поинакви од денешните. Пикерминската фауна од овој период е карактеристична по тоа што ја сочинуваат животни сродни со денешната африканска фауна, што дополнително ја нагласува научната вредност на локалитетот.
Во 2021 година локалитетот беше уреден и ставен на увид на јавноста, со изградба на потребна инфраструктура, поставување информативни табли и копии од откриените фосили. Активностите беа реализирани во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, а уредувањето е дел од напорите за зачувување и промоција на природните вредности во Општина Делчево.
Обновувањето на информативните табли претставува уште еден чекор кон подобра промоција и презентација на палеонтолошкото богатство на Стамер, како и кон создавање подобри услови за посетителите, учениците, истражувачите и туристите кои сакаат да се запознаат со оваа природна реткост.
Палеонтолошкиот локалитет Стамер, заедно со Геолошкиот профил Звегор и Киселичката Пештера, претставува дел од природното богатство на Општина Делчево и значаен потенцијал за развој на туристичката и културно-образовната понуда на општината.



