
Делчево се подготвува за спектаклот најавен за в сабота, 29 август, кој ќе донесе вечер за паметење и за млади и за повозрасни граѓани. Вечерта ќе понуди спектар од светската атракција на улични уметници во комбинација на боите на минатото и ренесансата на старото делчевско корзо кое ќе биде обоено во ново руво и со динамични содржини.
Забавата започнува во 20.00 часот и ќе се одвива на главната сообраќајница ,дел од бул. „М.М.Брицо“ во центарот на Делчево која ќе стане пешачка зона на потегот од семафорите до мостот на река Брегалница, каде што светски улични уметници- баскери ќе приредат незаборавна забава за сите генерации од најмлади до највозрасни. Кловнови, светска музика, жонглери, спектакл со пиротехника и многу други изненадувања ќе го привлечат вниманието на сите коишто сакаат да го почувствуваат мирисот и свежината на делчевската љубезност и гостопримство.
Воедно, по должината на улицата ќе има поставени штандови за локални специјалитети, храна и пијалоци по примамливи цени и за сечиј вкус, со една убава цел да бидеме сите заедно на едно место а во духот на тоа заедништво да упатиме порака дека Делчево е наш посакуван дом за живеење и забава.
Ренесансата на старото корзо и враќањето на духот на 30-тите години од минатиот век на некогашното Царвео Село е мотив граѓаните да излезат на корзото и да прошетаат по улицата со цел да се врати споменот на минатото и да се облагороди денешно Делчево и да се создадат нови спомени.
Делчево е модерен и динамичен град и Општина што не ја заборава традицијата туку ја чува и ѝ дава нов контекст и енергија за сегашните генерации, оставајќи светол аманет за иднината.



