196 натпреварувачи годинава на „Голак треилс 2026“

  • Новости

Сè е подготвено за стартот на второто издание на планинското трчање „Голак треилс 2026“. Планината Голак ќе биде домаќин на 196 љубителите на планинското трчање од сите краеви на Македонија, но и од соседните земји!

Организаторите, Клубот за планински спортови „Голак Треилс“ објавуваат дека годинава учесниците имаа можност да изберат помеѓу две трки. Пократката, Голак Треилс во должина од 13 километри, е идеален избор за сите кои сакаат да ја почувствуваат магијата на планинското трчање, додека подолгата и поатрактивна Калчовица од 33 километри претставува вистински предизвик за оние кои сакаат да ги тестираат своите граници на една од најубавите планини во источниот дел на Македонија, а Голак е познат по својата недопрена природа, свежиот планински воздух.

По успешната премиера минатата година, Голак повторно ги отвора своите планински патеки, густите букови шуми и живописните видиковци за сите рекреативци и искусни тркачи кои сакаат да доживеат незаборавно спортско искуство. Вековните шуми и прекрасните панорамски погледи кои секој чекор го претвораат во посебно доживување. Токму затоа, оваа трка не е само спортски натпревар, туку можност да се ужива во природните убавини и да се создадат спомени кои долго ќе останат во сеќавање, порачуваат од Клубот.

Второто издание на планинската трка Golak Trails ќе се одржи в недела на 06.09.2026 г. Стартот на трките е од 08:00 и 09:00 часот во градскиот парк во Делчево, каде што и ќе финишираат натпреварувачите. Предвидена е и детска трка која започнува во 09:30 часот додека за забавата во текот на целиот настан ќе се погрижат ди-џеј и најдобриот рок бенд во државата The Hounds.

Поддршка за организацијата на оваа уникатна спортска трка има од повеќе општествено одговорни компании, како и од Општина Делчево. Планинската трка е дел  од манифестацијата „Денови на мојот град“ по повод одбележувањето на 7 Септември, Денот на ослободување на Општина Делчево.

Shares