
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, присуствуваше на свеченоста по повод Денот на 2. пешадиски баталјон и одбележувањето на 30-годишниот јубилеј од формирањето на единицата „Скорпии“.
Три децении посветеност, професионализам, дисциплина и одговорна служба во интерес на државата се вредности кои заслужуваат особена почит, истакна градоначалникот Гоцевски, упатувајќи признание до сите припадници кои низ годините го граделе угледот и традицијата на единицата, како и благодарност до оние кои и денес одговорно ја извршуваат својата должност.
„За мене претставува особена чест што денеска сум дел од ова одбележување. Триесет години постоење на единицата „Скорпии“ се три децении исполнети со посветеност, професионализам и служба во интерес на државата. Тоа е традиција која заслужува почит и која треба да се негува“, порача градоначалникот.
На свеченоста по повод Денот на 2. Пешадиски баталјон, Општина Делчево доби Благодарница за остварените резултати и придонесот во развивањето, осовременувањето и јакнењето на Армијата и афирмирањето на одбраната на Република Македонија.
По тој повод градоначалникот Гоцевски нагласи дека соработката меѓу локалната самоуправа и Армијата е важен пример за институционално партнерство, засновано на меѓусебна доверба, почит и заедничка одговорност кон заедницата
„Благодарницата е признание кое за Општина Делчево има особено значење. Таа е потврда дека нашето партнерство и пријателство се градат во вистинска насока, но истовремено е и обврска во иднина да отвораме нови перспективи за соработка, во интерес на позитивната афирмација на Армијата и на луѓето кои се грижат за нашата безбедност“, истакна градоначалникот.
На командантот, потполковник Ристо Стоев, на сите припадници на 2. пешадиски баталјон и на единицата „Скорпии“, градоначалникот им го честиташе јубилејот, посакувајќи им добро здравје, професионални успеси и уште многу години исполнети со чест, достоинство и одговорност во служба на Република Северна Македонија.
Честит Ден на 2. пешадиски баталјон! Честит 30-годишен јубилеј на „Скорпии“!



