Градоначалникот Гоцевски: Делчево мора да биде отворено кон нови идеи, нови партнери и нови инвеститори. Потпишан Меморандум за соработка меѓу Општина Делчево и Чешко-македонската асоцијација за трговија

  • Новости

Општина Делчево и Чешко-македонската асоцијација за трговија (ЧМАО) воспоставуваат рамка за долгорочна соработка насочена кон поттикнување на економскиот развој, инвестициите, трговските односи, туризмот, претприемништвото и иновациите.

Меморандумот за соработка беше потпишан денеска во Прага, Република Чешка, од градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски и претседателката на Чешко-македонската асоцијација за трговија, Лилјана Јовановски Асенов.

Со потпишувањето на Меморандумот се отвора можност за поинтензивно поврзување на чешки и македонски компании, инвеститори, институции и деловни партнери, како и за промоција на Делчево и регионот како атрактивна дестинација за инвестиции, претприемништво, туризам и реализација на развојни проекти.

Меморандумот предвидува соработка во повеќе области, меѓу кои промоција на инвестициските можности на Општина Делчево, идентификација на потенцијални инвестициски локации и развојни проекти, поддршка на туризмот, хотелиерството, гастрономијата, спортот и рекреативните активности.

Особено значајна е можноста за поддршка и поврзување на локалните мали и средни претпријатија со чешки и европски деловни партнери, како и за заедничка подготовка на проекти за финансирање преку европски, национални, регионални и други достапни фондови и програми.

Соработката ќе опфати и области како иновации, дигитализација, енергетика, зелени технологии, земјоделство и одржлив развој, како и размена на искуства и добри практики меѓу институциите, компаниите и експертите од двете земји.

Во рамките на соработката се предвидува организирање деловни средби, бизнис-мисии, конференции, презентации и саеми, контактирање потенцијални инвеститори и деловни партнери, подготовка на заеднички проектни предлози и промоција на заедничките активности.

Меморандумот е склучен на неопределено време и стапува во сила со денот на неговото потпишување. Тој претставува рамка за соработка, додека реализацијата на конкретни проекти и активности ќе се уредува со посебни договори.

По повод потпишувањето на овој значаен документ за Делчево, градоначалникот Иван Гоцевски посочи дека денешното потпишување на Меморандумот со Чешко-македонската асоцијација за трговија е важен чекор во отворањето на нови можности за Делчево.

Делчево мора да биде отворено кон нови идеи, нови партнери и нови инвестиции. Потпишувањето на овој Меморандум е токму во таа насока – да создадеме мост меѓу нашата локална економија и деловните можности што ги нуди Чешката Република и европскиот пазар. Нашата цел не е соработката да остане само на ниво на потпишан документ, туку од неа да произлезат конкретни проекти, нови инвестиции, поддршка за локалните компании и можности за нашите претприемачи.  Како Општина, ќе работиме потенцијалите на Делчево да ги претставиме пред потенцијалните инвеститори и партнери и да создадеме услови Делчево да биде препознаено како место каде што вреди да се инвестира и развива бизнис. Овој Меморандум е една од алатките преку кои сакаме да го направиме тоа, нагласи Гоцевски.


Shares