Детската градинка во есенска приказна и нови инвестиции

  • Новости

Во боите на есента е обоена делчевската детска градинка. Во дворот на градинката е  уредено есенско катче, каде се поставени бали од слама и разновидни есенски плодови, додека шахтите во дворот се обогатија со шарените мотиви и се создаде повесела средина што ја буди детската љубопитност и внесува радост во игрите на отворено.

Ова се само дел од декорациите кои пленат во градинката и од едукативните активности на градинката кои ја разбудуваат детската љубопитност и преку игра секојдневно учат нови работи. Но во делчевската градинка, актуелни се и инвестициите во опрема, мебел и дидактички средства, при што последниве месеци се инвестирани над 600 илјади денари сопствени средства од градинката за подобрување на условите и работата во градинката.

Ова го истакна директорката на детската градинка, Виолета Гиздовска при денешната посета на градоначалникот Иван Гоцевски на детската градинка каде престојуваат 280 дечиња.

-Изминатиов период инвестиравме сопствени средства во набавка на инвентар, како нови креветчиња, душеци, обновени се теписоните во занималните, набавен е мебел за работа на логопедот и во канцеларијата, а деновиве треба да пристигнат нови детски шкафчиња. Исто така, наскоро започнуваме и со обновување на сите светилки во градинката и нивна замена со штедливи лед-светилки, а планрана е набавка и на нови постелнини. Мора да истакнам дека наскоро започнуваме и со санација на дел од оштетениот дел од покривот, нагласи директорката Гиздовска.

Таа додаде дека во детската градинка се слеваат секојдневно и донации од општествено одговорни компании и од физички лица кои помагаат со најразлични средства што се секако добредојдени за градинката.

– Како донација од наш сограѓанин се подготвува веб-страница за нашата градинка, на која ќе се објавуваат информации од јавен карактер, новости и активности. Искрено му благодариме за вложеното време, знаење и труд, со кои придонесува за полесно информирање и поголема транспарентност во работата на установата. Ова е само дел од донациите и јавно се заблагодарувам на сите кои инвестираат за дечињата да имаа поубав и поинтересен престој во градинката, порача Гиздовска.

Градоначалникот Гоцевски упати благодарност до вработените во градинката, до родителите, до општествено одговорните компании и до сите сограѓани кои со своите донации и поддршка придонесуваат за децата да имаат поубаво, посреќно и поквалитетно детство, нагласувајќи дека заедничката цел е едноставна – секое дете да расте во средина која инспирира, поттикнува и радува.

– Денес видовме една убава есенска приказна, но зад неа има и многу работа, посветеност и инвестиции. Особено радува што во градинката континуирано се вложува во нова опрема, мебел, дидактички средства и подобри услови за престој на дечињата. Како Општина, ќе продолжиме да ја поддржуваме градинката и да создаваме услови нашите деца да го имаат она што го заслужуваат. Затоа што вложувањето во децата не е трошок – тоа е најважната инвестиција во иднината на Делчево, нагласи Гоцевски.

Shares