
Советот на Општина Делчево ја одржа 18. Седница, на која беа разгледани и усвоени одлуки и акти од значење за локалната заедница. На дневен ред беа девет точки, по кои Советот донесе соодветни одлуки.
Една од поважните одлуки се однесува на ослободување од партиципација за престој во детската градинка на 15 деца Роми на возраст од 3 до 6 години, кои се во социјален ризик, за учебната 2026/2027 година.
Трошоците за престој на децата во ОЈУДГ „Весели цветови“ ќе бидат покриени преку блок-дотацијата што Општина Делчево ја добива од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Советот ја усвои и Програмата за измена на Програмата за активностите на месните и урбаните заедници за 2026 година, со која се создава можност поранешните подрачни училишта во селата Габрово, Ѕвегор, Стамер и Вирче повторно да бидат ставени во функција за потребите на локалното население.
Објектите, кои остануваат во сопственост на Општина Делчево, ќе можат да се користат за состаноци, собири и други активности од локално значење, како и за културни, општествени, информативни и едукативни активности. Користењето ќе се организира преку месните заедници.
Со оваа Одлука, просторот што досега бил наменет за воспитно-образовни цели повторно се враќа во служба на граѓаните, со можност да стане место за средби, активности и заедничко делување на жителите.
На седницата Советот ја разгледа и Иницијативата на група граѓани за основање на Урбана заедница „Пролет“, при што беше оценето дека се исполнети условите и потребите за основање на овој облик на месна самоуправа.
Советниците го усвоија и финансискиот и наративниот Извештај за манифестацијата „Делчевско културно лето 2026“, реализирана од Здружението за култура и уметност „Креатива плус“ од Струмица.
На 18. Седница беа донесени и одлуки за давање согласност за примање донација – патничко моторно возило, одобрување финансиски средства по поднесено барање, како и согласност на измената на Годишниот план за вработување на Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево за 2026 година.
На почетокот на Седницата беше верификуван и мандатот на новата членка на Советот, Моника Стојанова, која доаѓа на местото на досегашниот советник Горан Димитровски по неговата оставка.



