
Со драмата „Супер Марио и Луиџи на крстосница“ започна сообраќајно-едукативното предавање во ОЈУДГ „Весели Цветови“ во Делчево на кое присуствуаа 82 деца од предшколската група.
Драмата беше во организација и изведба на наставничките од детската градинка кои имаа изработено крстосница со сообраќајни знаци и семафори и преку ликовите од видео играта Супер Марио и Луиџи им покажаа на децата како безбедно да ја поминат крстосницата.
Потоа претставниците на ОСБСП Делчево и МВР ОВР Делчево на децата им ги потенцираа најважните правила за нивно безбедно движење во сообраќајот, им објаснија што претставува сообраќајот и кои се учесниците во сообраќајот, ги запознаа со сообраќајната сигнализација – сообраќајните знаци и семафорите наменети за пешаците и ги научија за основните правила и прописите за нивно безбедно движење како што се: преминувањето на пешачки премин, чекањето зелено светло на семафорот за пешаци и движењето по тротоар и пешачка патека. На улицата околу детската градинка тие практично го применија наученото, од страна на стручните лица им беа потенцирани одредени опасни ситуации кои претставуваат ризик по нивната безбедност, а имаа прилика и да го видат новото полициско возило.
Овие активности се предидени за реализација во рамки на кампањата „Се движиме безбедно“ која има за цел да ја унапреди безбедноста на пешаците со акцент на децата како учесници во сообрќајот.



