Обезбедени над 40 милиони денари за реконструкција на спортската сала во Делчево

  • Новости

Општина Делчево обезбеди над 40 милиони денари од Владата, преку Министерството за спорт, наменети за реконструкција на спортската сала во рамките на Спортско-рекреативниот центар во Делчево. Денеска градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, го потпиша Договорот за регулирање на меѓусебните односи меѓу договорните страни, со што и официјално започнува постапката за реализација на овој значаен инфраструктурен проект, со кој Делчево треба да добие современа, функционална и репрезентативна спортска сала.

Проектот предвидува доградба на недоизградените делови од спортската сала, целосна реконструкција на постојниот објект, како и обезбедување на сите неопходни инфраструктурни приклучоци. Со планираните градежни активности ќе се создадат услови за целосно ставање во функција на спортскиот објект и негово користење според современите стандарди за спорт и рекреација.

Оваа инвестиција има особено значење за спортскиот живот во Делчево. Реконструираната сала ќе овозможи подобри услови за тренинг и натпревари, развој на спортските клубови, поголема вклученост на младите во спортот и поттикнување на здравите животни навики. Истовремено, ќе се создадат можности младите спортски таленти да ги развиваат своите способности и да ги остваруваат спортските амбиции во родниот град.

Градоначалникот Иван Гоцевски истакна дека реконструкцијата на спортската сала е еден од значајните проекти за развојот на Делчево, со кој се исполнува долгогодишното очекување на граѓаните и се создаваат нови перспективи за младите и спортските клубови.

„Ова е голема и важна инвестиција за Делчево, но пред сè, инвестиција во нашите млади и во иднината на спортот во нашиот град. Со обезбедените над 40 милиони денари започнуваме процес со кој, конечно, ќе го решиме прашањето на спортската сала која беше оставена скоро две децении да пропаѓа и да го нагрдува спортско-рекреативниот центар. Со реконструкцијата ќе создадеме современи услови за сите генерации спортисти. Нашите спортски клубови, младите таленти и сите љубители на спортот заслужуваат простор во кој ќе можат да тренираат, да се натпреваруваат и да ги остваруваат своите амбиции. Упатувам благодарност до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и соработката. Продолжуваме да работиме на проекти кои оставаат трајна вредност и носат конкретни придобивки за граѓаните“, истакна Гоцевски.

Со оваа инвестиција Општина Делчево продолжува со активностите за унапредување на спортската инфраструктура и создавање подобри услови за спорт, рекреација и развој на младите.

Современата спортска сала не е само нов и реконструиран објект, туку инвестиција во иднината на Делчево – во младите, во спортот и во можностите што следните генерации ќе ги имаат во својот град.

Shares