
За првпат, поранешните претседатели и секретари на Советот на Општина Делчево ќе се соберат на официјална работна средба со актуелниот состав на Советот и претставници на Општина Делчево.
Средбата, по иницијатива на претседателот на Советот, Стојменовски, ќе се одржи на 20 ноември 2026 година (петок), со почеток во 12:00 часот, а на неа ќе учествуваат поранешните претседатели на Советот кои ја извршувале оваа одговорна функција од 1996 година до денес.
Целта на средбата е размена на искуства, сеќавања и предизвици од различните периоди на локалното самоуправување, осврт на досегашната работа на Советот, како и дискусија за можностите за негово понатамошно унапредување.
Со оваа иницијатива се создава можност за поврзување на институционалното искуство од минатото со актуелните предизвици и потреби на локалната самоуправа, но и за негување на институционалната меморија и континуитетот во работењето.
„Тоа се луѓе кои во различни времиња ја носеле одговорноста да ја претставуваат волјата на граѓаните, да донесуваат важни одлуки и да придонесуваат за развојот на нашата општина. Верувам дека преку вакви средби ја негуваме институционалната меморија, меѓусебната почит и континуитетот во работењето. Функциите се менуваат, времето поминува, но одговорноста кон Делчево и граѓаните останува“, истакнува претседателот на Советот, Стојменовски.
Средбата претставува можност да се оддаде почит на сите кои низ годините придонесувале во работата на највисокиот претставнички орган на локалната самоуправа и да се потврди дека развојот на Делчево е резултат на заедничкиот ангажман, искуство и одговорност низ различни генерации.



