
Искуството на генерациите, институционалната меморија и заедничката посветеност на развојот на Делчево, беа во фокусот на првата официјална работна средба на поранешните претседатели и секретари на Советот на Општина Делчево со актуелниот состав на Советот и претставници на Општината.
На иницијатива на претседателот на Советот, Стојменовски, за првпат на едно место се собраа поранешните претседатели на Советот, кои оваа одговорна функција ја извршувале од воспоставувањето на локалната самоуправа во 1996 година до денес, заедно со поранешните секретари и актуелните претставници на институцијата. На средбата присуствуваше и градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.
Средбата беше можност за размена на искуства, сеќавања и предизвици од различните периоди на локалното самоуправување, осврт на досегашното работење на Советот, како и разговор за можностите за негово понатамошно унапредување.
Во своето обраќање, претседателот на Советот, Стојменовски, истакна дека секој од поранешните претседатели ја извршувал функцијата во различни општествени и политички околности, со свои предизвици и одговорности, но сите оставиле свој белег во институционалниот и развојниот пат на Делчево.
„Секој од вас служеше во свое време, во свои услови и предизвици. Некои од вас ја водеа институцијата во периоди на транзиција, економски тешкотии или значајни општествени промени. Други градеа врз постигнатото и отвораа нови перспективи. Но сите вие имате една заедничка работа – оставивте траен печат врз развојот на нашата општина. Вашето искуство е богатство кое не смее да се заборави. Вие знаете подобро од сите колку е тешко да се балансираат различни интереси, да се најде најдоброто решение за граѓаните и да се гради долгорочен развој. Вашите потписи и вашите гласови стојат зад многу успешни приказни во историјата на Делчево“, истакна Стојменовски.
Градоначалникот Гоцевски ја поздрави иницијативата и нагласи дека оваа средба има посебна вредност затоа што нè потсетува дека развојот на Делчево е заедничко дело на повеќе генерации.
-Секој Совет, секој претседател и секој советник оставил дел од своето време, знаење и одговорност во градењето на нашата општина. Наш долг е да го почитуваме тоа искуство, да ги слушнеме луѓето кои ја пишувале институционалната историја на Делчево и врз нивните искуства да градиме подобра и поуспешна иднина. Институциите имаат континуитет токму тогаш, кога знаат да го почитуваат минатото, а истовремено да гледаат напред“, истакна градоначалникот Иван Гоцевски.
Како знак на признание за нивниот придонес во работењето и развојот на локалната самоуправа, претседателот на Советот им додели благодарници на поранешните претседатели.
Во рамките на средбата беа поставени и фотографии од сите претседатели на Советот на Општина Делчево од 1996 година до денес, со што се создаде траен потсетник на луѓето кои во различни периоди ја носеле одговорноста за водење на ова значајно претставничко тело.
Во овој период, Делчево има 9 претседатели на Советот од кои само една е жена:
- Владо Велиновски;
- Вера Ѓеоргиевска;
- Кирчо Иванов;
- Тони Трајановски;
- Николчо Трајановски;
- Драган Христов
- Драган Маневски;
- Гоце Попов;
- Николчо Стојменовски



