Буџетски форум во Делчево – граѓаните ќе ги утврдуваат приоритетите за 2027 година

  • Новости

Општина Делчево се подготвува за реализација на Буџетскиот форум, преку кој граѓаните активно ќе се вклучат во процесот на утврдување на приоритетите и планирање на Буџетот на Општината за 2027 година.

Во рамки на форумскиот процес се планирани две сесии, а првата ќе се одржи на 30 ноември 2026 година (понеделник), со почеток во 12:00 часот, во Мултифункционалниот центар во Спомен-домот АСНОМ во Делчево.

Буџетскиот форум претставува можност граѓаните непосредно да се запознаат со реализацијата на Буџетот за 2026 година, да дискутираат за досегашните активности и резултати, но и да ги искажат своите потреби, предлози и идеи за наредната буџетска година.

Преку форумските сесии, жителите на Делчево ќе имаат можност да предлагаат и да дискутираат за приоритетни програми, проекти и инвестиции кои сметаат дека се најзначајни за развојот на општината и подобрување на квалитетот на животот во локалната заедница.

Целта на алатката „Форуми во заедницата“ е да го поттикне процесот на децентрализација и да обезбеди активно граѓанско учество во донесувањето одлуки на локално ниво. Преку овој процес се создава простор за партнерство меѓу граѓаните и локалната самоуправа, поголема транспарентност, отчетност и доверба, но и можност потребите на заедницата директно да се преточат во буџетски приоритети.

Општина Делчево ги повикува граѓаните, претставниците на здруженијата и граѓанскиот сектор, бизнис-заедницата и локалните институции да земат активно учество во форумските сесии. Нивните предлози, идеи и учество се особено важни за креирање буџет кој ќе одговори на реалните потреби на граѓаните и развојните приоритети на општината.

За сите граѓани кои нема да бидат во можност да присуствуваат на форумските сесии, Општина Делчево објави и анкетен прашалник, преку кој ќе можат да ги достават своите предлози и приоритети за Буџетот за 2027 година.

Анкетниот прашалник е достапен на следниот ЛИНК

Вашите предлози се важни!

Shares